Новиот „Concept C“, како круна на работата на новиот шеф за дизајн, најави целосно нова естетска насока во „Audi“. А еве како тој дизајн би можел да изгледа на еден од најважните модели во понудата – „A6“.
Во средината на 2024 година Масимо Фраскела ја презеде позицијата главен дизајнер на компанијата, наследувајќи го Марк Лихте, кој цели десет години го обликуваше речиси целиот актуелен моделски опсег со четирите прстени.
Под водство на Фраскела, „Audi“ подготвува сосема нов дизајнерски јазик, првпат јасно најавен минатата година преку драматичниот „Concept C“. Станува збор за реинтерпретација на идејата на моделот „TT“, но и за своевиден манифест на новиот визуелен идентитет на брендот.
Секако, ќе бидат потребни неколку години пред актуелните модели да бидат заменети со нови што ќе го носат потписот на Фраскела. Сепак, овие визуализации даваат навестување како би можела да изгледа идната генерација на „A6“ под негово водство.
Треба да се потсети дека актуелната генерација на „A6“ беше претставена пред помалку од една година, па сосема нов модел не се очекува пред следната деценија.

Нова маска, нов идентитет
Дигиталниот дизајнер „Sugar Design“ му даде на „A6“ целосно свеж изглед, преземајќи клучни елементи од „Concept C“ и пренесувајќи ги на елегантната лимузина со четири врати.
Најконтроверзниот дел од концептот несомнено е предниот дел, со црна маска во форма на таблета, која силно се оддалечува од досегашниот препознатлив „singleframe“ дизајн. Токму таа маска би требало да стане заштитен знак на идните модели на „Audi“.
Во оваа интерпретација маската е комбинирана со тесни LED светла какви што видовме на „Concept C“, со покласични вертикални отвори за воздух. Предниот дел на ваквиот футуристички „A6“ можеби нема да ги убеди сите дека е чекор напред во однос на актуелниот модел, но страничната силуета делува многу складно. Особено се истакнуваат новите врати, поинаку обликуваните задни крила и изменетата линија на прозорците.

Ако идниот „A6“ силно се потпре на „Concept C“ и во задниот дел, би можел да добие тенки хоризонтални задни светла, како и затемнет долен дел од браникот и дифузер, во согласност со графичкиот пристап виден на концептот.
Минатиот месец Фраскела потврди дека сите идни модели на „Audi“ ќе имаат маска инспирирана од „Concept C“, но нагласи дека секоја изведба ќе добие сопствени приспособувања за моделите да не изгледаат идентично.
Како ќе се развива новата дизајнерска филозофија на „Audi“ во текот на следната деценија допрва ќе се види, но јасно е дека брендот влегува во нова, визуелно похрабра фаза.















