„Plug-in“ хибридите, долго претставувани како преодна технологија што ја штити животната средина и ги намалува трошоците, се најдоа под голем прашалник по објавувањето на нова студија. Истражувањето на „Fraunhofer“ Институтот за системски и иновациски истражувања откри дека реалната потрошувачка на овие возила драстично отстапува од официјалните податоци, со што се разниша нивниот углед како „спасители на климата“.
Реалната потрошувачка речиси четирипати поголема
Истражувачите од Карлсруе анализирале реални податоци од речиси еден милион возила произведени меѓу 2021 и 2023 година. Резултатот е јасен: наместо официјално наведените 1,4 до 1,6 литри на 100 километри, „plug-in“ хибридите во секојдневна употреба просечно трошат 5,8 до 6,1 литар. Со тоа, реалната потрошувачка е речиси четирипати поголема од онаа наведена во продажните брошури и само малку пониска од потрошувачката на класичен мотор со внатрешно согорување.
Познато е дека фабричките „WLTP“ вредности ретко се постигнуваат во реални услови, но размерите на отстапувањето ги изненадиле и експертите. Раководителот на студијата Патрик Плотц изјави дека резултатот бил „шокантен“. Особено проблематично е тоа што дури и при претежно електрично возење, потрошувачката на енергија одговара на вредност од околу три литри гориво на 100 километри.

Една од причините лежи во самата технологија. Моторот со внатрешно согорување автоматски се вклучува при ниски температури, повисоки брзини или за потребите на греење – дури и кога возилото би требало да работи исклучиво на струја. Дополнително, студијата открила дека многу возачи своите возила ги полнат ретко или никогаш. Учеството на електричното возење изнесувало само околу 25 проценти, што значи дека три четвртини од патувањата се извршуваат со користење бензин или дизел, иако навиките за полнење значително варираат зависно од производителот.

Повик за укинување на субвенциите
Овие податоци предизвикаа и политички реакции. Здружението за заштита на животната средина „VCD“ побара „plug-in“ хибридите во иднина да не се стимулираат со државни субвенции и финансиските поттикнувања да се резервираат исклучиво за целосно електрични возила, вклучително и половни. Се огласија и истакнати поединци, па така поранешниот германски министер за здравство Карл Лаутербах на социјалната мрежа „X“ зборуваше за „измама“, како кон купувачите така и кон климата.

Иако правилата за мерење на потрошувачката во меѓувреме се заострени, што би требало новите „plug-in“ хибриди да ги приближи до реалните вредности, авторите на студијата очекуваат дека вистинската потрошувачка и натаму ќе остане речиси двојно повисока од официјалните податоци. Со тоа, дебатата за оправданоста на технологијата со „две срца“ повторно е во полн ек.










