„Spirit of Ecstasy“ е еден од најпрепознатливите автомобилски симболи во светот. Оваа скулптура, која го краси врвот на решетката на ладилникот на секое возило од марката „Rolls-Royce“, првпат официјално била претставена на 6 февруари 1911 година и оттогаш станала синоним за луксуз, ексклузивност и прецизна изработка.
На почетокот на 20-от век, сопствениците на луксузни автомобили често на врвот од решетката на ладилникот на своите возила поставувале персонализирани украси. „Rolls-Royce“, тогаш веќе етаблиран бренд познат по квалитетот и инженерската извонредност, одлучил да создаде единствен симбол што ќе ја одразува филозофијата на марката.
Хенри Ројс, соосновач на компанијата, бил против каков било украс што би ги нарушил чистите линии и дизајнот на автомобилот. Сепак, другиот соосновач, Чарлс Ролс, како и многу купувачи, ги ценеле дополнителните детали што ја истакнувале ексклузивноста на возилото.

Одлуката за дизајнот на скулптурата ја донел Клод Џонсон, тогашен директор на „Rolls-Royce“. Тој го задолжил вајарот Чарлс Сајкс да изработи фигура што ќе го претставува духот на марката – брзина, елеганција и иновација.
Инспирацијата за „Spirit of Ecstasy“
Сајкс инспирацијата ја пронашол во класичните мотиви и создал фигура на жена која се наведнува нанапред, со развеан плашт што потсетува на крилја. Скулптурата првично ја нарекол „The Whisper“, но подоцна била преименувана во „Spirit of Ecstasy“.
Како модел за фигурата послужила Еленор Веласко Торнтон, жена која била секретарка и муза на Џон Монтагу, еден од првите британски автомобилски ентузијасти и уредник на списанието „The Car Illustrated“. Еленор е родена во 1880 година во Лондон. Нејзините родители биле со скромно потекло – мајка ѝ била Британка, а татко ѝ Австралиец.

На 22 години се вработила како лична секретарка на Џон Монтагу, политичар и пионер на автомобилството во Велика Британија. Со текот на времето станала негова љубовница и го придружувала на бројни патувања и автомобилски настани. Заедно имале вонбрачна ќерка Џоун Еленор Торнтон, која ја дала на посвојување. Таа помагала и во уредувањето на списанието „The Car Illustrated“, кое ја промовирало автомобилската култура меѓу британската елита.
Монтагу, воодушевен од нејзината убавина, го ангажирал Чарлс Сајкс да изработи скулптура инспирирана од неа. Сајкс, кој лично ја познавал, ја прикажал во елегантно и флуидно движење, со плашт што се вее како крилја.

Приказната на Еленор завршила трагично. Таа се удавила заедно со стотици други патници на 30 декември 1915 година, кога бродот „SS Persia“, со кој патувала со Монтагу низ Средоземното Море кон Индија, без предупредување бил торпедиран од германската подморница U-38, под команда на Макс Валентинер. Монтагу преживеал.

Еволуција и безбедносни промени
Во текот на децениите, скулптурата „Spirit of Ecstasy“ доживеала неколку измени. Во модерните модели на „Rolls-Royce“, поради безбедносни прописи и заштита од кражба, фигурата е дизајнирана така што автоматски се вовлекува во капакот на решетката доколку се изврши притисок врз неа.
Денес скулптурата најчесто се изработува од нерѓосувачки челик, но достапни се и верзии од злато, кристал и други луксузни материјали. Иако материјалите и деталите на изработка можат да се менуваат, „Spirit of Ecstasy“ останува константа во дизајнот на „Rolls-Royce“, симболизирајќи ја традицијата и ексклузивноста на брендот кој повеќе од еден век претставува врв на автомобилскиот луксуз.















