Маск по години ветувања за Марс избра пореална цел – Месечината

Точка

16/02/2026

20:24

372

Големина на фонт

а а а

Илон Маск со години повторуваше дека Марс е цел број еден и дека Месечината е „дистракција“. Сега јавно вели дека „SpaceX“ го „префрлил фокусот“ кон Месечината и дека таму може да се изгради „саморастечки“ град за помалку од десет години.

Маск практично ја изгради митологијата на „SpaceX“ околу Марс. Уште од средината на 2010-тите зборуваше за колонија, илјадници летови на „Starship“, прозорци за лансирање на секои 26 месеци и идејата дека човештвото мора да стане мултипланетарна цивилизација. Во повеќе наврати даваше и многу оптимистички рокови за првите мисии, а Марс беше „северот“ кон кој се насочуваше сè – од дизајнот на „Starship“ до пораките кон инвеститорите и јавноста.

Затоа во последно време е интересен тонот што самиот Маск го избра. Наместо Марс, акцентот се префрли на Месечината: Маск вели дека кон Месечината може да се лета често, практично постојано, додека прозорците за Марс се ретки, а патувањата долги. До Месечината се стигнува за два до три дена лет и таа е релативно „блиску“ во логистичка смисла, додека Марс е оддалечен со месеци и секоја грешка станува поскапа и поопасна. Во таа логика, Месечината станува полигон за сè што е потребно за колонизација, но без нивото на ризик што го носи Марс.

Тука е и студената бизнис-математика. „SpaceX“ веќе има голем договор и притисок поврзан со програмата „Artemis“ на „NASA“, каде „Starship“ во "HLS" верзија треба да одигра клучна улога во враќањето на луѓето на Месечината. „NASA“ во последно време ги поместува роковите, а „Artemis III“ сè почесто се споменува како мисија што тешко ќе се реализира пред 2028 година. Кога сте главен добавувач во таков проект, тешко е истовремено да ја туркате јавната приказна дека планирате патување на Марс, особено кога „Starship“ сè уште минува низ тестирања и развојни итерации што се одолговлекуваат.

Со други зборови, поместувањето кон Месечината не е само ПР. Тоа е и резултат на реалноста во развојот на хардверот. „Starship“ мора да докаже сигурни летови, повторни слетувања, орбитални мисии и, што е клучно и за Месечината и за Марс – орбитално преточување гориво. Без тоа нема ни лунарен лендер во пракса, а камоли логистика за Марс. Месечината како приоритет има смисла бидејќи „SpaceX“ може да гради чекор по чекор, со пократки циклуси на учење и почести обиди.

„Бајката“ за колонија на Марс

Што тогаш значи изјавата на Маск за „саморастечки град“ на Месечината? Тоа, секако, не е готов урбанистички план, туку идеја за инфраструктура што може постепено да се проширува: енергија, комуникации, засолништа, производство на основни делови на самото место и редовен транспорт на товар. Маск во поновите изјави сугерира дека тоа е остварливо за помалку од десет години, додека за Марс зборува за временски хоризонт од реални 20+ години. Тоа е голема промена во тонот во однос на периодот кога Марс беше во фазата „наскоро, само што не е“.

Маск никогаш не рекол дека се откажал од Марс, туку дека приоритетот се поместува. Марс и понатаму е „крајната цел“ во приказната на „SpaceX“, но повеќе не изгледа како следна станица, туку како проект што ќе дојде откако Месечината ќе ја одигра улогата на тест-полигон и логистичка база. Сепак, Маск е бизнисмен, па треба да се земе предвид дека јавно признание дека не може да ја исполни главната цел би влијаело врз перцепцијата на неговите други проекти и компании, како и врз неговиот имиџ како пионер во вселенските истражувања. Месечината е сепак поблиску, полесно е враќањето дома, испраќањето помош и градењето „ритам“ на лансирања.


Затоа, и покрај сè, не може со стопроцентна сигурност да се каже дека „Маск се предомислил“, туку ова повеќе покажува нешто што веројатно и самиот го сфатил: таквата визија се судира со физиката, роковите и договорите. Марс е поромантичен и поголем симбол, но Месечината е пореална за периодот 2026 – 2030. Почести летови, побрз поврат на информации, помал ризик и појасна институционална рамка преку „Artemis“ се главните аргументи за тоа. Ако „SpaceX“ во следните неколку години навистина го реализира она што е потребно за Месечината, тоа автоматски ќе биде најсилниот аргумент дека Марс еден ден нема да биде само приказна.