Хуманоидните роботи од ден на ден стануваат сè подобри и имаат сè повеќе можности со кои речиси можат да им парираат на луѓето.
И додека сè уште чекаме роботи што наместо нас ќе ги извршуваат непријатните домашни обврски или ќе одат во продавница по намирници, во Кина ги тестираат границите на роботските способности.
Така веќе можевме да видиме роботи што трчаат, играат фудбал, танцуваат или ги демонстрираат своите боречки вештини (некои поуспешно, некои и не баш).
Но во Кина отидоа чекор подалеку и на робот кој веќе совладал боречки вештини - му ставија во раце – меч.
Роботот, на кој кинеските медиуми му го дадоа името Лингху Чонг, во раце фати традиционален кинески меч и ги покажа своите способности. Неговите развивачи велат дека демонстрирал вештини од измислената боречка техника „девет мечеви на Дугу“, која се појавува во романите на Џин Јонг.

Видеото, кое како честитка во пресрет на кинеската Нова година го сподели производителот на роботи „Robotera“, прикажува завидни способности на роботот во ракување со меч. Не само што изгледаше уверливо, туку со мечот и скокаше, се вртеше и изведуваше салта без никакви проблеми, пренесува „zimo.hr“.
Иако изгледа импресивно, од „Robotera“ истакнуваат дека луѓето сè уште имаат подобри движења кога станува збор за борба од роботите. Колку долго ќе остане така, тешко е да се предвиди.








