Џо Роган, денес најпознат како коментатор на „UFC“ и еден од најпопуларните поткастери во светот, објасни зошто својата боречка кариера ја прекинал уште на 22 години. Роган како тинејџер почнал да тренира таеквондо, четири години по ред бил државен шампион на Масачусетс во "full-contact", а го освоил и „U.S. Open“. Пред целосно да се посвети на комедијата, кратко се испробал и во кикбокс, пишува „Bloody Elbow“.
Оштетување на мозокот како клучна причина
Роган неодамна наведе повеќе причини зошто решил да се повлече од борбите на толку млада возраст. Денес 58-годишниот Роган истакнува дека сведочењето за тешките последици од оштетувања на мозокот кај други борци било пресудно. „Престанав да се борам на 22 години“, рече Роган во неодамнешна епизода од својот поткаст. „Со комедија почнав да се занимавам на 21 и уште некое време делумно тренирав и одработив неколку борби додека настапував како комичар, но веќе ја немав истата посветеност како порано.“
„Се случија низа работи што ме одвратија од желбата за натпреварување. Една од нив беше сознанието за оштетувањето на мозокот. Го препознавав тоа кај други луѓе. Го препознавав кај пријатели, а потоа лежев во кревет со главоболки по спаринг, прашувајќи се ’каде води ова?‘, а притоа од тоа не заработував никаков пари“, објасни тој.
„Почнав да се занимавам со бокс и кикбокс и видов толку многу оштетувања на мозокот. Толку многу непријавени оштетувања. Едноставно чудни работи. Дечките ќе ви ја раскажеа истата приказна што ви ја кажале пред само пет минути. Само ќе ја повтореа“, додаде.
Joe's spinning back kick is impressive AF. pic.twitter.com/jyywA2rdtg
— Joe Rogan Podcast News (@joeroganhq) June 20, 2025
„Сфатив: ’Овие момци не се сеќаваат дека истото ми го кажаа пред пет минути.‘ Беше како да се дрогирани, а не беа. Едноставно почнаа да покажуваат први знаци на оштетување на мозокот.“ Роган се потсети и на една особено брутална победа со нокаут кога имал 19 години. Тој настан го натерал да размисли за ранливоста на која се изложува секојпат кога влегува во борба.
„Имав голема среќа што никогаш не се повредив на турнир“, продолжи тој. „Никогаш не паднав, никогаш не бев нокаутиран ниту сериозно разнишан. Но јас тоа им го правев на многу луѓе. Тогаш помислив дека сè тоа се враќа. Беше само прашање на време кога некој ќе ме нокаутира. Тоа се случува. Ќе се случи.“
„Ќе се борам со некој државен шампион, ќе реагирам погрешно и ќе добијам пета во проклетата вилица и тоа ќе биде крај. Ќе се разбудам во болница.“ Како дополнителни фактори што влијаеле на неговата драматична промена на кариерата, Роган ги наведе и недостигот од соодветна заработка, како и повредата на предниот вкрстен лигамент.

Враќање зад коментаторската маса на „UFC 326“
И 36 години подоцна, Роган сè уште е длабоко вклучен во светот на боречките спортови. Како коментатор на „UFC“, има место во првиот ред за најголемите ММА борби.
Роган го пропушти настанот „UFC 325“ во Сиднеј затоа што не патува на настани надвор од Соединетите Американски Држави. Сепак, се очекува негово враќање во коментаторската кабина за „UFC 326“, кој ќе се одржи на 7 март. Главната борба на вечерта во „T-Mobile Arena“ во Лас Вегас ќе биде дуел за BMF титулата меѓу Макс Холовеј и Чарлс Оливеира.











