Трент Александер Арнолд имаше тежок старт на авантурата во Реал Мадрид, од една страна поради новата средина и периодот потребен за адаптација, но најмногу поради повредите кои зачестија од почетокот на сезоната.
Пред дербито со Валенсија кое се играше минатиот викенд, десниот бек беше во аут два месеци и во јавноста веќе се отворија сомнежи за неговата игра, но со партијата која ја прикажа против Реал Сосиедад, ваквите натписи сигурно ќе стивнат некое време.
Арнолд потсети на најдобрите денови од периодот во Ливерпул и одигра како офанзивен десен бек кој се приклучуваше во средината, а со топките кои им ги делеше на соиграчите, си доби и посебно признание од „Марка“.
Угледниот шпански весник го спореди со Дејвид Бекам поради начинот на кој ги распределуваше топките, но импресиите не ги криеше и Арбелоа кој е уверен дека Трент допрва ќе го прикаже најдоброто од себе во Реал.
– Не можам да кажам дека сум изненаден од него, тој е многу интелигентно момче кое исклучително добро ја разбира играта. Разговарав со него во периодот кога не играше и многу ми се допадна како размислува. Вистинска среќа е што имаме таков играч ов тимот. Сигурно не сме ние тие кои ќе го откриеме Трент, но беше навистина пријатно да се гледа каков преглед има на играта и какви решенија нуди во секој момент за соиграчите, – изјави Арбелоа.







