Стереотипи и загриженост: Експертите предупредуваат на ТикТок снимки со „AI“ човеколико овошје и зеленчук

Точка

04/04/2026

19:04

644

Големина на фонт

а а а

Видео-снимки направени со помош на вештачка интелигенција, во кои главни ликови се овошје и зеленчук во сценарија слични на ријалити програми, станаа вирални на ТикТок и бележат милиони прегледи, но експертите предупредуваат дека таквата содржина промовира родови стереотипи и родово базирано насилство и може да има негативно влијание врз публиката.

Станува збор за серијал познат како „Fruit Temptation“, инспириран од ријалити форматот „Остров на искушението“, во кој учесниците се човеколики ликови од овошје, наведува Фламанската радио-телевизија (VRT).

Видео-снимките прикажуваат љубовни и семејни односи со елементи на драматизација, а корисниците на ТикТок масовно ги следат и коментираат.

Според директорката на Одделот за медиумска психологија на Универзитетот во Левен, Лаура Ванденбош, форматот на овие содржини презема карактеристики на ријалити телевизијата, вклучувајќи стереотипизација и сексуализација, но дополнително ги нагласува.

Експертите наведуваат дека, за разлика од традиционалните медиуми, ваквите содржини не подлежат на јасни правила, додека алгоритмите на платформата дополнително ја засилуваат нивната видливост.


Како што се истакнува, колку повеќе корисниците гледаат вакви видео-снимки, толку повеќе алгоритмот им нуди сè послична и поекстремна содржина.

Во поединечни примери се прикажуваат наративи во кои се фаворизираат богатството и физичкиот изглед како клучни фактори во односите.

Во подлабоките нивоа на препораки се појавуваат и содржини со расистички и хомофобични елементи, вклучувајќи и прикази на конверзиона терапија, за која не постои научна потврда.

Професорот по комуникациски науки од Универзитетот во Антверпен, Александер Дуст, истакнал дека алгоритмите ги засилуваат интересите на корисниците и можат да водат кон сè поекстремна содржина.

Исто така се наведува дека некои видео-снимки се проблематични поради приказите на насилство и вознемирувачки сцени и покрај тоа што имаат голем број прегледи.

Експертите предупредуваат дека повторувањето на ваквите пораки може да го зголеми нивното влијание, особено кај помладата публика, бидејќи промовираат традиционални родови улоги и стереотипи.

Професорот Дуст истакнал дека дошло до културна промена, бидејќи ваквите пораки денес полесно се прифаќаат на социјалните мрежи отколку порано.

Авторите на овие видео-снимки главно остануваат анонимни, а содржината често настанува со користење сценарија и упатства што кружат на интернет-платформи како Редит, со помош на достапни алатки за вештачка интелигенција.

Експертите наведуваат дека целта на ваквите содржини често е остварување голем број прегледи и приходи, и за авторите и за самите платформи.

Иако е тешко директно да се измери нивното влијание, експертите се согласни дека алгоритмите, честото повторување на пораките и лесната достапност на алатките за генерирање содржина бараат поголемо внимание од платформите и надлежните институции.