Прва жена во историјата на човештвото лета кон Месечината: Кој е Кристина Кох, која поставила рекорд во вселената?

Точка

02/04/2026

19:06

705

Големина на фонт

а а а

Од Вселенскиот центар „Кенеди“ кон орбитата на Месечината тргна екипажот на мисијата на НАСА - „Артемис 2“.

Ова е првпат по повеќе од 50 години луѓе да одат во близина на нашиот природен сателит. За првпат во историјата оди и жена, астронаутката Кристина Кох.

Екипажот на Артемис 2 го сочинуваат астронаутите Рид Вајзман, Виктор Гловер и Кристина Кох, заедно со Џереми Хансен од Канадската вселенска агенција. Мисијата е богата со симболика – Кристина Кох ќе стане првата жена што ќе орбитира околу Месечината, Виктор Гловер е првиот Афроамериканец, а Џереми Хансен првиот Канаѓанец што ќе се најде толку блиску до нашиот природен сателит.


Летот ќе трае 10 дена. Првичното лансирање беше планирано за 8 февруари, но низа технички проблеми наложија поместување на датумот – прво на почетокот на март, а потоа на април.

Која е Кристина Кох?

Кристина Кох е родена на 29 јануари 1979 година, во Гранд Рапидс, во сојузната држава Мичиген, а пораснала во Северна Каролина и ќе биде првата жена која патувала кон Месечината.

Инженерката и физичарка која станала астронаутка во 2013 година и поставила рекорд за најдолг поединечен престој на една жена во вселената, минувајќи 328 дена на Меѓународната вселенска станица во 2019 година.

Во текот на таа мисија учествувала и во првата „вселенска прошетка“ во која учествуваа исклучиво жени.

Нејзиното вселенско патување почнало одамна, уште од детската соба.

Како дете, на ѕидот од спалната соба држела постер од Земјата што се издига над површината на Месечината – славната фотографија од изгрејсонцето на Земјата што ја направил Бил Андерс за време на мисијата Аполо 8.


Кога дознала дека таа фотографија не ја направил автоматски фотоапарат, туку човек, знаела – сакам да бидам астронаутка.

„Фактот дека зад објективот стоел човек ја направи таа слика многу подлабока и го промени начинот на кој размислуваме за сопствениот дом“, изјавила таа.

„Месечината не беше само симбол за размислување за нашето место во Универзумот, таа е светилник за науката и разбирањето од каде доаѓаме“, рекла таа.

Повеќе од 25 години била опкружена со ветерани од мисиите Аполо преку фондација за стипендии и настани на НАСА за сеќавање, и како што рекла токму од нив најмногу научила за другарството.

Во вселената носи рачно напишани белешки од луѓе што ѝ се блиски.

Инаку пред да ја започне кариерата во НАСА, Кох стекнувала искуство работејќи на развој на инструменти за вселенски истражувања и технологии за далечинско инженерство. Три и пол години, од 2004 до 2007 година, патувала низ Арктикот и Антарктикот, спроведувајќи истражувања во екстремни услови. Потоа работела во Вселенскиот оддел на Лабораторијата за применета физика на Универзитетот Џонс Хопкинс како електроинженер.

Прв ваков лет од времето на Аполо 17

Последен пат кога луѓе орбитираа околу Месечината беше во 1972 година, за време на мисијата Аполо 17. Оттогаш сите мисии кон Месечината беа без екипаж. Дури во ноември 2022 година, во рамки на Артемис 1, вселенското летало Орион изврши лет околу Месечината, но и тој беше без астронаути.


Првично се планираше слетувањето на луѓе на Месечината да се случи во текот на мисијата Артемис 3. Меѓутоа последните одлуки на НАСА ги променија тие планови – мисијата предвидена за 2027 година ќе биде фокусирана на тестирање нови системи и оперативни способности во ниска Земјина орбита. Слетувањето на Месечината е одложено до лансирањето на мисијата Артемис 4, закажана за 2028 година.