[ФОТО/ВИДЕО] Некогаш бил рајот на земјата, денес е „Град на духови“: Во омилената дестинација на светските ѕвезди никој не стапнал половина век

Точка

11/02/2026

10:19

1.341

Големина на фонт

а а а

Вароша е град кој се наоѓа на границата меѓу турската и грчката страна на Кипар. Некогаш омилена дестинација на холивудските ѕвезди, денес се нарекува „Град на духовите“.

Вароша нуди брег со бел песок, кристално чисто тиркизно море и совршени летни пејзажи – но без луѓе. Иако звучи како сцена од филм, токму таква глетка денес можете да затекнете во ова некогашно летувалиште на Кипар, сместено покрај границата меѓу турскиот и грчкиот дел на островот.


Во златните години на туризмот, во текот на шеесеттите и седумдесеттите години, Вароша бил симбол на луксуз и гламур. Плажите на ова место ги посетувале светски ѕвезди како Брижит Бардо, Елизабет Тејлор и Ричард Бартон, а градот вриел од хотели, ресторани и живот. Денес, сепак, сликата е сосема поинаква.


Со децении напуштена, Вароша го стекнала прекарот „град на духовите“. Избледените хотели, урнатите фасади и автомобилите оставени таму каде што последен пат биле паркирани сведочат за наглиот прекин на животот што се случил овде. Зад идиличниот пејзаж се крие тишина и чувство на замрзнато време, што ја прави Вароша едно од најнеобичните и најпотресните места на Медитеранот.

Балканец ја посети Вароша

Патописецот и јутјубер од Босна и Херцеговина, Роберт Дацешин, кој посетил повеќе од 110 земји во светот, неодамна објави видео во кое покажа како изгледа кипарскиот град Вароша. Се наоѓа на границата меѓу турската и грчката страна на Кипар. Некогаш омилена дестинација на светската елита во седумдесеттите години, денес се нарекува „град на духовите“, а руинираните згради и оставените автомобили укажуваат дека овде некогаш постоел живот.

Неверојатни сцени

Летувалиштето е сместено во јужниот дел на градот Фамагуста, а пред турската инвазија во 1974 година, која принудила 39.000 жители на градот да го напуштат, било многу популарно меѓу туристите.

Градот и денес предизвикува љубопитност, а Роберт Дацешин со камера забележал неверојатни сцени и ги прикажа на Јутјуб.

„На врвот на својата слава, овој град бил место на гламур, сјај и богатство. Луксузот и раскошот траеле само четири години, за во есента 1974 година животот тука да запре, а тогашните 39.000 жители да останат без покрив над главата“, објаснил Дацешин, кој посетил повеќе од 110 земји во светот.


Вароша била главен деловен и културен центар, кон кој светската елита се стремела да дојде. Во текот на 70-тите години од 20 век таму летувале најголемите холивудски ѕвезди, како Елизабет Тејлор, Ричард Бартон, Софија Лорен, Брижит Бардо, Пол Њуман и Ракел Велч, а колку било популарно летувалиштето говори и фактот што овој брег го нарекувале Француска ривиера на Кипар.

50 години изолација

По воената акција, жителите го напуштиле подрачјето, а Вароша останала затворена и напуштена повеќе од четири децении. Кипар е поделен на два дела од 1974 година, а градот Вароша станал „ничија земја“, поради што влезот во градот бил забранет.


Зградите пропаѓале, а природата полека ја преземала контролата, претворајќи го некогаш популарното летувалиште во морничаво место.

Дацешин влегол во градот и покажал како изгледа денес. Разговарал и со поранешни жители кои се потсетиле како изгледал животот во некогашното ексклузивно летувалиште.

„Повеќето од нас понесоа само неколку работи. Сите мислеа дека брзо ќе се вратат. Но, за жал, не се вративме. Што да ви кажам? Кога некој ќе ви влезе на имотот и ќе ви го земе... “, вели еден од луѓето со кои разговарал.“

Друг поранешен жител на Вароша низ солзи зборувал за она што се случило:

„Прво мислиш дека е лага, дека воопшто не се случило. Но потоа времето поминува и сфаќаш дека никогаш нема да се вратиш дома. Иако многу го посакуваш тоа. Сè уште мислиме дека враќањето е можно.“


Поради тензиите меѓу грчкиот и турскиот дел на островот, на поранешните жители и посетителите целосно им бил забранет пристапот до градот, а оградата со која било опкружено летувалиштето навлегувала и во морето, за никој да не може да доплива до него.

Првпат по 46 години, во 2020 година на јавноста ѝ бил овозможен влез во Вароша, која денес ѝ припаѓа на непризнатата самопрогласена Турска Република Северен Кипар. Отворањето на градот за многумина било историски момент, но и момент на горчина и тага.

„Иако му се радував на ова, затреперив додека ги гледав сите тие познати места. Вароша е изгубена“, изјавил поранешен жител.