Голем дел од оштетувањата на кожата настануваат уште во детството, во период кога децата не можат целосно да ги разберат долгорочните последици од штетното УВ-зрачење.
Лекарка за палијативна нега од Австралија предупредила на болната вистина што често ја слуша од млади пациенти заболени од терминален меланом: многумина од нив жалат што порано во животот не ја сфатиле посериозно заштитата од сонце.

Д-р Керит Витиген работи со тешко болни пациенти на кои се обидува да им овозможи што поквалитетен и попријатен живот во времето што им преостанува, а истакнала дека палијативната нега не е наменета само за постари лица и луѓе во последните денови од животот. Како што објаснила, овој облик на помош често вклучува и помлади луѓе, па дури и пациенти во раните фази на болеста, за да им се обезбеди поддршка во текот на целиот процес на лекување, пишува „People“.
Говорејќи за своето искуство, открила дека работела со низа пациенти во дваесеттите години кои умирале од меланом, агресивна форма на рак на кожа. Според неа, токму кај нив постојано се повторува истото каење.
„Кога станува збор за заштитата од сонце, често велат дека би биле среќни доколку порано ги сфателе сериозно предупредувањата“, истакнала докторката. Тие млади луѓе, додала таа, живеат со болното сознание дека можеби постоел начин нивната приказна да се развие поинаку, а многумина посакале уште во младоста да сфатиле колку опасно може да биде прекумерното изложување на сонце.

Д-р Витиген нагласила дека не ги обвинува своите пациенти. Голем дел од оштетувањата на кожата, како што потсетила, настануваат уште во детството, во период кога децата не можат целосно да ги разберат долгорочните последици од штетното УВ-зрачење. Токму затоа смета дека само едукацијата не е доволна.
„Дете речиси секогаш попрво ќе избере игра отколку здодевна задача како мачкање со крем со заштитен фактор, ако му дадете избор“, изјавила таа, додавајќи дека знаењето мора да биде проследено со конкретна промена во секојдневните навики и правила.
Поради тоа започнала петиција со која бара нанесувањето крем за сончање пред престој на отворено да стане задолжителна практика во училиштата ширум Австралија. Таа верува дека само пет минути, одвоени пред ручек или пред излегување надвор, би можеле да имаат големо влијание врз намалувањето на бројот на случаи на меланом во иднина.

Оваа иницијатива веќе го привлекла вниманието на јавноста и на здравствените работници, а се темели на едноставна идеја – на децата да им се олесни усвојувањето навики што можат да ги заштитат подоцна во животот.
Важноста на оваа порака ја потврдуваат и стручните податоци. Иако меланомот почесто се дијагностицира на повозрасни години, не е редок ниту кај помлади лица. На пример, во САД се вбројува меѓу најчестите облици на рак кај луѓе помлади од 30 години, особено кај млади жени.
Меланомот воедно е поопасен од многу други видови рак на кожа, бидејќи има поголема склоност кон ширење, поради што раната превенција и раното откривање можат да бидат пресудни.













