Научниците во еден од најстарите марсовски метеорити некогаш пронајдени на Земјата открија неочекувано голема количина древна вода, скриена длабоко во неговата внатрешност. Благодарение на иновативна техника на неутронско скенирање, истражувачите првпат успеале детално да ја анализираат вкупната содржина на вода без уништување на примерокот, а резултатите би можеле да го променат нашето разбирање за историјата на Црвената планета.
Станува збор за метеоритот NWA 7034, познат под прекарот Црна убавица, парче од Марс тешко околу 320 грама. Метеоритот бил пронајден во 2011 година во Сахара од номади, иако не е познато кога точно паднал на Земјата. Неговата темна боја, дополнително нагласена со полираната површина, го направила еден од најпрепознатливите марсовски метеорити.
Научниците веруваат дека потекнува од кратерот Карата, широк околу 10 километри, сместен близу марсовскиот екватор. Во вселената бил исфрлен пред 5 до 10 милиони години, но самата карпа е далеку постара – датирана е на најмалку 4,44 милијарди години, што му ја носи титулата најстар марсовски метеорит некогаш пронајден, наведува „Space.com“, а пренесува „LiveScience“.
Водата во метеоритот е позната со години
Уште од 2013 година е познато дека Црна убавица содржи траги од вода, но претходните истражувања барале кршење и уништување на ситни делови од метеоритот, што значително го ограничувало обемот на анализите, пишува „Universe Today“. Новата студија, објавена на 13 јануари на платформата „arXiv“, претставува пресвртница. Со користење неутронска томографија, научниците првпат добиле детална слика од внатрешноста на метеоритот без физичко оштетување на примерокот.
Анализата покажала дека водата сочинува околу 0,6 проценти од вкупната маса на метеоритот, што одговара на количина карпа со големина на човечки нокт. Иако тоа може да изгледа скромно, станува збор за значително поголема количина отколку што сугерирале претходните проценки. Поголемиот дел од водата е заробен во ситни структури, таканаречени кластови, богати со железен оксихидроксид (FeHO₂). Ова соединение, слично на главната компонента на ’рѓата, настанува кога железото реагира со вода под висок притисок, на пример при силни метеоритски удари.
За разлика од класичното CT скенирање кое користи рендгенски зраци, истражувачите го изложиле метеоритот на сноп неутрони. Овој метод се покажал исклучително ефикасен бидејќи неутроните се особено чувствителни на атоми на водород – клучни за откривање вода во исклучително густи материјали.

Неутрони наместо рендген
Еден од авторите на студијата објавил и „YouTube“ видео кое го прикажува процесот на скенирање во реално време. Иако денешниот Марс е сува, студена и прашлива планета, сè повеќе докази укажуваат дека пред околу 3 милијарди години имал океани споредливи со оние на Земјата.
Поголемиот дел од таа вода подоцна исчезнал, но дел и понатаму постои во форма на ледени слоеви закопани близу екваторот, мразни наслаги на врвовите на марсовските планини и масивен подземен резервоар откриен во 2024 година.

Црната убавица денес се смета за најстар директен доказ за присуство на вода на Марс, поради што научниците сакаат дополнително да ја истражуваат нејзината внатрешност за да разберат како Марс воопшто стекнал толкава количина вода – и дали таа можела да овозможи развој на микробиолошки живот.
Откако „NASA“ неодамна ја прекина мисијата за враќање примероци од Марс, која требаше да донесе материјал собран од роверот "Perseverance", марсовските метеорити како Црна убавица станаа единствениот директен прозорец во воденото минато на Црвената планета.















