Новите правила треба да стапат на сила на 1 јануари 2027 година.
Кина ги забрани скриените рачки на вратите кај електричните возила и со тоа, наведува „BBC“, стана првата земја што се откажа од дизајнот кој го популаризираше компанијата „Tesla“, на милијардерот Илон Маск.
Електричните автомобили се под зголемено внимание на безбедносните институции ширум светот, по неколку смртоносни инциденти, вклучително и два судари во Кина во кои учествувале електрични автомобили на „Xiaomi“, при што постојат сомнежи дека проблеми со напојувањето го спречило отворањето на вратите.

Според новите прописи, автомобилите ќе можат да се продаваат само доколку имаат механичко отклучување и од внатрешната и од надворешната страна на вратите.
Новите правила треба да стапат на сила на 1 јануари 2027 година.

Според прописите на Министерството за индустрија и информатичка технологија, надворешниот дел на сите врати (освен багажникот) мора да има вдлабнат простор што ќе овозможи пристап до рачката.
Во внатрешноста на возилото мора да постојат јасни ознаки со објаснувања за тоа како се отвораат вратите.

Автомобилите кои веќе добиле одобрение од надлежните институции и се во завршна фаза на влез на кинескиот пазар, ќе имаат дополнителни две години за да ги ажурираат своите дизајни.
Скриените рачки се широко застапени кај возилата што користат алтернативни извори на енергија.

Иако овие мерки ќе се однесуваат исклучиво на моделите што се продаваат на кинескиот пазар, огромното влијание на Кина во глобалната автомобилска индустрија значи дека овој потег би можел да има последици и на светско ниво.
Рачките на „Tesla“ веќе се предмет на истрага од страна на американските безбедносни регулатори, додека властите во Европа размислуваат за воведување сопствени правила.










