За 140-от роденден на првиот автомобил, „Mercedes“ создаде посебен „ѕвер“

Точка

31/01/2026

10:38

599

Големина на фонт

а а а

Кон крајот на јануари 1886 година, Карл Бенц поднесе патент за првото моторно возило – претходникот на она што денес го нарекуваме личен автомобил. 140 години подоцна, „Mercedes-Benz“ ја претстави новата S-класа. Оваа лимузина е првиот од дури 40 новитети што „Mercedes“ ги најави за оваа година.

Првиот автомобил „се родил“ пред 140 години, кон крајот на 1886 година. Поточно, на 29 јануари Карл Бенц му предал на Царскиот патентен уред патент за првото моторно возило – претходникот на она што денес го нарекуваме личен автомобил: "Patent Motorwagen". Станувало збор за возило со погон на гасен мотор, моторна кочија со три тркала, придвижувана од четиритактен мотор со зафатнина од 958 ccm и моќност од 0,8 коњски сили. Овој примерок достигнувал максимални 16 km/h, додека моделот што подоцна стигнал на пазарот, со мотор од 1.600 ccm, развивал 0,75 коњски сили и можел да „полетува“ до вртоглави 13 километри на час.

За да го одбележи роденденот на првиот автомобил во светот онака како што значењето на настанот и заслужува, „Mercedes-Benz“ покрај свечената торта го прикажа и најновото издание на својата S-класа. Иако станува збор за редизајн, ова е најобемниот досега изведен редизајн. Променети се повеќе од 50 проценти од автомобилот, со над 2.700 нови делови.


Новата лимузина, која става акцент на престижот, напредната технологија и чувството на добредојде, е првиот од дури 40 новитети што „Mercedes“ ги најави за оваа година. По многу нешта е посебна, а од технолошка гледна точка највпечатливо е одобрението за автономно возење од ниво 4. Во Европа тоа засега ќе остане само сведоштво колку далеку стигнал „Mercedes“ во развојот на најнапредните системи, бидејќи ова ниво на автономија сè уште нема добиено „зелено светло“ во Европската Унија.

Претходната S-класа имаше ниво 3 и можеше самостојно да вози по автопат до брзина од 160 km/h. Новата ќе му понуди уште поголема безгрижност на возачот, но засега во земји како Саудиска Арабија, каде што нивото 4 веќе е усогласено со законот. Тоа означува висока автоматизација, при која возилото самостојно управува со сите аспекти на возењето во однапред дефинирани услови. Возачот не мора да ја следи патеката, ниту постојано да биде подготвен да ја преземе контролата. Системот е дизајниран да се справи со сите ситуации во возењето и безбедно да го запре автомобилот доколку се случи нешто непредвидено.


Визуелно, промените кај новата S-класа се најочигледни напред: маската е значително поголема, може да биде осветлена, а за првпат и „Mercedes“ ѕвездата на поклопецот на моторот може (опционално) да биде осветлена. Новите предни светла „Digital Light“ со „twin-star“ потпис се гордеат со "microLED" технологија, која носи 40 проценти поголемо поле на високорезолуциско осветлување. Динамичниот "Ultra Range" долг сноп има досег до 600 метри, се прилагодува на свиоците и, со помош на камери, ги следи и мапите – сè со цел осветлувањето што подобро да се приспособи на ситуацијата на патот. Нови се и задните светла, со непогрешливото „Mercedes“ обележје.

Од „Mercedes“ наведуваат дека вистинското чувство на добредојде се доживува во ентериерот. Би додале – и демонстрација на надмоќ. Во повеќето автомобили примарни се предните седишта, поточно возачкото. Кај ваквите возила, примарни се задните седишта. Сопственикот на S-класата најверојатно ќе седи назад и ќе биде возен, па затоа е исклучително важно како изгледа просторот на задните седишта. А изгледа импресивно, особено кога задните седишта се во "|First-Class" изведба. Тогаш патниците уживаат во централна конзола налик на онаа меѓу возачот и совозачот, а на располагање имаат два екрана од 13,1 инчи. Секој од двајцата патници има „MBUX“ далечински управувач и интегрирана камера, па од автомобилот е можно да се одржи и видеоконференција.


Детаљ што нè насмеа, но и дефинитивно го привлече вниманието, е греењето на безбедносните појаси на предните седишта. Искрено, добро би ни дошло … Може да загрее до 44 степени. Климатизацискиот систем има „Digital Vent Control“ за прецизно насочување на млазниците, додека системот „Energizing Air Control“ ги отстранува ултрафините честички и брзо го обновува воздухот во кабината.

Патничката кабина ја доминира „MBUX Superscreen“, односно два екрана споени во еден: централниот допирен екран од 14,4 инчи и совозачкиот од 12,3 инчи, исто така допирен. Секако, тука се и дигиталните инструменти, достапни и во 3D изведба. Срцето на целиот систем е новиот „MB. OS“, а сè е поврзано со „Mercedes-Benz Intelligent Cloud“, за функциите на автомобилот да можат и понатаму безжично да се надградуваат.


Меѓу бројните нови функции се и оние поврзани со најнапредните безбедносни системи. Тие користат податоци од дури десет камери, пет радари и дванаесет ултразвучни сензори. Ако на тоа додадеме и до 15 воздушни перничиња, меѓу кои и опционални перничиња во појасите за да се намали оптоварувањето при потешки судири, јасно е дека новата S-класа е шампион во безбедноста – дури и кога не е блиндирана. Да, во гамата и понатаму постои блиндираната S-класа „Guard“, со заштита од ниво VR10, погон „4Matic“ и 6-литарски V12 biturbo мотор.

Кога веќе се допревме до погоните, да погледнеме кои мотори ја придвижуваат „обичната“ S-класа. Моторната гама сега е електрифицирана, во смисла на благи хибриди кај шестцилиндричните бензински и дизел изведби. Дизелот S 350 d располага со 313 коњски сили, а може да се избере и S 450 d со 367 коњски сили. Бензинците нудат 381, односно 449 коњски сили. "Plug-in" хибридите би требало само на струја да минуваат околу 100 километри. Тие се базираат на бензинци од 326, односно 449 коњски сили, а со електромоторот системската моќност расте на 435, односно 585 коњски сили.


„Airmatic“ воздушната суспензија доаѓа сериски, како и управувањето на сите четири тркала, а опционален може да се избере активна суспензија која поединечно управува со секое тркало, активно го сузбива навалувањето и, по потреба, може и да го подигне автомобилот. Како што велат во некои реклами – ни тоа не е сè. Доста ви е од лежечките полицајци во градот? Новата S-класа користи „Car-to-X“ информации и навреме го „забележува“ непријатниот забавувач. За да не страдаат и автомобилот и патниците, S-класата едноставно ги прилагодува амортизерите.

Во Германија, цената започнува од 121.356 евра за лимузината S 350 d „4Matic“.