Познатата марка бележи пад на продажбата од 64 проценти во Европа, и покрај новиот „Ypsilon“.
„Lancia“ по сумирањето на резултатите за 2025 година се соочува со сериозни проблеми, бидејќи продажбата на овој легендарен италијански бренд драстично опаднала, и покрај големото враќање на европскиот пазар.
Претставувањето на новиот „Ypsilon“ во февруари 2024 година, првиот целосно нов модел по 13 години, не го донесе очекуваното закрепнување.
Според податоците на Европското здружение на производители на автомобили („ACEA“), продажбата на марката „Lancia“ паднала за дури 64 проценти, на само 11.754 продадени автомобили во текот на 2025 година.

Инаку, „ACEA“ и понатаму го води италијанскиот бренд во пакет со „Chrysler“, иако таа американска марка практично исчезна од европскиот пазар, со само симболична продажба на неколку возила.
Слични резултати покажува и анализата на компанијата „Dataforce“, според која во 2025 година биле регистрирани 11.719 нови возила од марката „Lancia“, додека „Chrysler“ имал само 75 продадени автомобили во цела Европа. Овие податоци потврдуваат дека негативниот тренд продолжува.
Ситуацијата е уште позагрижувачка ако се погледне пошироката слика.

Меѓу 2015 и 2025 година, најдобрата продажна година била 2016, кога во Европа биле продадени повеќе од 67.000 возила.
Иако „Lancia“ со години беше присутна само во Италија, денес – по враќањето на клучните европски пазари и отворањето на околу 70 салони во големите градови – продава помалку отколку пред „редизајнот“ на брендот.
Дополнителен проблем претставува и новиот „Ypsilon“, кој е значително поскап од претходната генерација и се соочува со силна внатрешна конкуренција од моделите „Peugeot 208“ и „Opel Corsa“.

„Lancia“ годинава планира проширување на понудата со нов модел од средната класа, кој ќе го оживее името „Gamma“, додека враќањето на „Delta“ се очекува пред крајот на деценијата.
Во меѓувреме, во рамките на „Stellantis“ трае преиспитување на долгорочната одржливост на сите брендови во групацијата. Според наводите на агенцијата „Reuters“, одредени европски брендови би можеле да се најдат под знак прашање, што дополнително фрла сенка на неизвесност врз иднината на некогаш славната италијанска марка.











