Цените на новите автомобили со години незапирливо растат, а разликите меѓу различните видови погон се огромни. Во просек, купувачите за нов електричен автомобил плаќаат околу 14.000 евра повеќе отколку за бензинец. Ова го покажува најновиот „DAT-Report 2026“, годишниот пазарен преглед на германскиот автомобилски пазар.
За потребите на извештајот биле анкетирани 1.292 купувачи на нови автомобили. Клучниот фактор бил реално платениот износ, односно сумата што купувачите во текот на 2025 година навистина ја издвоиле за својот модел, вклучувајќи ја и целата избрана дополнителна опрема. Според тие податоци, електричните автомобили лани во просек чинеле 47.160 евра, додека бензинците чинеле „само“ 33.150 евра.
Интересно е што купувачите издвојувале повеќе пари за дизел-возила отколку за електрични автомобили: просечната купопродажна цена кај нив изнесувала 50.030 евра. Со оглед на тоа што дизел-моторите денес најчесто се вградуваат во возила од повисоките класи и во SUV модели, логично е тие да бидат поскапи. Според податоците на „ADAC“, производителите на германскиот пазар повеќе не нудат ниту еден мал автомобил со дизел-мотор.

Надеж за купувачите на електрични автомобили во Германија носи новата рунда субвенции за купување, во износ до 6.000 евра. Дополнително, цените на батериите континуирано паѓаат.
Автомобилскиот експерт Фердинанд Дуденхофер од Центарот за автомобилски истражувања „CAR“ секој месец ја анализира разликата во цената меѓу 20-те најпродавани бензински и електрични модели, врз основа на основните цени (вклучувајќи попусти).

„За неколку години ќе дојдеме до израмнување на цените. Веќе денес постојат модели со слични цени, како "Mini Cooper", каде што и електричната и бензинската верзија во основа чинат по 28.450 евра“, изјави Дуденхофер за „AutoBild“.
Уште една причина за значајните ценовни разлики, според „DAT-Report“, се крие во профилот на купувачите. Иако пазарот сега нуди и поповолни електрични модели, оние кои во 2025 година се одлучиле за „струја“ често биле подготвени да вложат повеќе – на пример во посилна батерија или повисоко ниво на опрема. Од друга страна, купувачите на бензинци целно барале и наоѓале возила во значително пониска ценовна категорија.










