Ни „Moskvitch“, ни „Lada“: Рускиот гигант се враќа – ќе се произведува во фабрика на „Volkswagen“?

Точка

30/01/2026

23:13

4.846

Големина на фонт

а а а

Поранешната советска марка „Volga“ веќе неколку години се споменува како кандидат за враќање на сцената, а овојпат гласините дополнително ги подгреа Асоцијацијата на руски автомобилски дилери.

Нејзиниот претседател, Алексеј Подшеколдин, откри дека проектот добил нов импулс и дека неговата реализација во најголема мера ќе зависи од правилниот избор на локацијата за склопување на автомобилите.

Се покажува дека првичните идеи за производство во Москва биле повеќе емотивен порив отколку ладна економска пресметка. Високите трошоци за работна сила во мегаполисот, како и логистичките проблеми кога станува збор за резервните делови, би можеле да го „убијат“ проектот уште во самиот зачеток.


Наместо Москва, експертите како реална опција за новата "Volga" ги гледаат поранешните производствени капацитети на „Volkswagen“. Таму, практично, сè е веќе подготвено – од обучен кадар што ги познава западните стандарди, до даночни олеснувања што би можеле да ја намалат конечната цена на автомобилите, пренесува порталот „Automedia“.

Подшеколдин дури и се пошегува дека, доколку зависело од него, би го преселил и производството на новиот „Moskvitch“ на истото место, со цел да се искористи индустрискиот синергиски ефект. Целта е, очигледно, една: да се избегне непотребно расфрлање.


Сепак, под сјајната надворешност на идните модели на оживеаната марка ќе чука кинеско срце. Иако сè уште нема официјална потврда, во автомобилските кругови упорно се зборува дека донатори ќе бидат платформите на компанијата „Geely“. Се очекува понудата да опфати три главни столба: кросовери „Atlas“ и „Monjaro“, како и седанот „Preface“. Овие автомобили веќе поминале низ ситото на државните регулативи и ги добиле неопходните сертификати („VTA“), што во практика значи дека патот до производната лента е чист.

Пролетта 2026 година се наѕира како пресвртна точка за руската автомобилска индустрија. Тогаш би требало да започне сериското производство, кое ќе покаже дали обновената "Volga" може да биде нешто повеќе од кинески автомобил со познат амблем.