Порториканската суперѕвезда Бад Бани ја освои најпрестижната награда за Албум на годината, Кендрик Ламар стана најнаградуваниот рапер на сите времиња, а Стивен Спилберг го достигна ЕГОТ статусот, а сè беше зачинето со силни политички пораки и спектакуларни настапи.
Светот на музиката синоќа беше сведок на историски момент кога наградата за Албум на годината ја однесе Бад Бани за своето издание „Debí Tirar Más Fotos“. Ова е првпат во историјата на Греми наградите оваа престижна титула да ѝ биде доделена на албум во целост испеан на шпански јазик, со што беше срушена долгогодишна бариера, но и испратена важна политичка порака.

Видливо емотивен, Бад Бани едвај ги задржуваше солзите додека наградата му ја врачуваше Хари Стајлс, а својот говор го искористи за силна политичка порака. „Пред да му се заблагодарам на Бог, ќе кажам: Доста е со ICE“, започна тој, повикувајќи се на американската имиграциска служба, и на громогласниот аплауз додаде: „Ние не сме дивјаци, не сме животни, не сме вонземјани. Ние сме луѓе и ние сме Американци“.
Вториот херој на вечерта беше Кендрик Ламар, кој со пет освоени златни грамофони го потврди својот статус на икона на хип-хопот. Неговиот сингл „Luther“, снимен во соработка со SZA, беше прогласен за Снимка на годината, додека албумот „GNX“ ја освои наградата за најдобар рап албум. Со овие победи, Ламар го зголеми својот вкупен број на Греми награди на 27, со што го надмина досегашниот рекордер Џеј-Зи и стана најодликуваниот рапер во историјата на доделувањето. Ламар триумфираше и во категориите за најдобра мелодик рап изведба и најдобра рап изведба, со што ја заокружи апсолутната доминација во својот жанр.
Преостанатите две главни награди отидоа во рацете на женските музички сили. Били Ајлиш со својот брат Финеас по третпат во кариерата ја освои наградата за Песна на годината, овој пат за емотивната балада „Wildflower“. Во својот говор таа исто така се осврна на горливите општествени проблеми, порачувајќи дека „никој не е нелегален на украдена земја“.
Наградата за најдобар нов изведувач ѝ припадна на британската кантавторка Оливија Дин, која во говорот исто така истакна дека е „внука на имигрант“ и „производ на храброст“, посветувајќи ја наградата на сите кои се борат за подобар живот.
Славниот режисер Стивен Спилберг официјално стана дваесет и втората личност во историјата што го остварила таканаречениот ЕГОТ статус, освојувајќи награди Еми, Греми, Оскар и Тони. Греми наградата ја доби како продуцент во категоријата за најдобар музички филм за документарецот „Music by John Williams“. Ова беше голема вечер и за К-поп музиката, бидејќи песната „Golden“ од филмот на „Netflix“ „K-Pop Demon Hunters“ стана првата К-поп песна што некогаш освоила Греми награда, и тоа во категоријата за најдобра песна напишана за визуелни медиуми.
Доделувањето, шеста и последна година по ред, го водеше Тревор Ноа, а самата церемонија беше преполна со настапи што долго ќе се паметат. Вечерта експлозивно ја отворија Роуз од групата „Blackpink“ и Бруно Марс со својот глобален хит „APT.“ во нов рок аранжман.
Tyler, The Creator приреди вистински театарски спектакл; неговиот настап започна во црно-бела техника, а по cameo појавувањето на актерката Реџина Кинг, сцената експлодираше во боја, оган и чад, оставајќи ја публиката без здив.
Од друга страна, Џастин Бибер ја изведе песната „Yukon“ сам на сцената, облечен само во боксерки и чорапи, а меѓу позабележливите настапи беа и оние на Лејди Гага со песната „Abracadabra“, како и на Сабрина Карпентер, која својот хит „Manchild“ го изведе на сценографија што наликуваше на аеродромски терминал.
Особено емотивни моменти од вечерта беа посветени на музичките великани. Лорин Хил се врати на сцената на Греми наградите првпат по 1999 година за да им оддаде почит на Ди’Анџело и на неодамна починатата Роберта Флек. Нејзиниот настап кулминираше кога на сцената ѝ се придружи Вајклеф Жан за изведба на култната песна на „Fugees“ „Killing Me Softly“, што ја крена целата сала на нозе. Сегментот „In Memoriam“ беше посветен на великаните што нè напуштија, а посебен придонес ѝ беше оддадена на легендата на метал музиката Ози Озборн. Во негова чест, Пост Малоун, Слеш, Даф Меккаган и Чад Смит изведоа моќна верзија на класиката на „Black Sabbath“ „War Pigs“.
Оваа доделување го означи и крајот на една ера, бидејќи последен пат беше пренесувано на мрежата „CBS“, а од следната година се сели на платформите во сопственост на „Disney“.
























