Филмот „Свадба“ руши рекорди во Хрватска: Го симна од „тронот“ легендарниот „Star Wars“ – само во претпродажба продадени повеќе од 40.000 билети

Точка

26/01/2026

12:56

2.134

Големина на фонт

а а а

Филмот „Свадба“, во режија и сценарио на Игор Шереги, предизвика незапаметен интерес кај хрватската публика.

Комедијата што, очигледно, целиот регион долго ја очекуваше, минатата недела пристигна во кината низ Хрватска. Сепак, до билетите е многу тешко да се дојде, бидејќи во претпродажба беа распродадени дури 40.000 карти.

Со ваков резултат, филмот ги симна од „тронот“ популарните блокбастери, како што е „Star Wars“, кој кај соседите со години го држеше рекордот со 25.000 продадени билети во претпродажба.

Минатата и оваа недела, во сите поголеми кино-сали во Загреб има повеќе од десет термини за проекција на овој филм, што само сведочи за незапаметениот интерес.


Задутре следи и премиерата во Белград, која веќе е во голема мера распродадена, по што ќе започне и прикажувањето во српските кина. Сепак, судејќи според податоците од сајтовите за продажба на билети, оваа недела ќе биде тешко да се најде карта, иако ќе има и по десет термини по кино.

Нема сомнеж дека публиката ја привлече самата тема – „забранетата љубов“ меѓу Хрватка и Србин, но и духовитиот начин на кој се прикажани односите меѓу вечно спротивставените соседи.


Дејството на филмот започнува кога ќерката на хрватски тајкун дознава дека е бремена од синот на српски министер, но сè се комплицира кога радосната вест ќе им ја соопштат на своите семејства, кои потоа и ќе се запознаат.

Освен тоа, нема сомнеж дека големи очекувања се поставени и поради одличната актерска екипа, во која се Драган Бјелогрлиќ, Рене Биторајац, Весна Тривалиќ, Сека Саблиќ, Анѓелка Стевиќ Жугиќ, Марко Грабеж, како и младите актери Линда Бегоња и Роко Сикавац.