Во текот на изминатите неколку децении, Словачка стана една од водечките автомобилски земји во Европа, привлекувајќи странски инвестиции и создавајќи илјадници работни места во автомобилската индустрија.
Во огромна фабрика, опкружена со планини покриени со снег, лифтот ги спушта челичните каросерии на автомобили до почетокот на производствената линија. Тие штотуку се заварени, што е работа што ја извршуваат роботи, од кои дури 690 работат во оваа фабрика. После тоа, на сцената влегува „армија“ работници: луѓе во црвени панталони и бели кошули, кои ги претвораат тие челични школки во готови автомобили.
Од крајот на производствената линија, по едно возило заминува секоја минута, со кратко трепкање на фаровите.

Станува збор за европската фабрика на јужнокорејскиот производител на автомобили „Киа“, која се наоѓа во близина на градот Жилина, на север од Словачка. Според компанијата, оваа фабрика претставува инвестиција вредна 2,5 милијарди евра.
„Фолксваген“ исто така произведува автомобили и во Словачка, како и „Јагуар Ленд Ровер“, додека „Волво“ планира да отвори фабрика за електрични автомобили во Словачка во 2027 година.
Оваа земја од 5,4 милиони луѓе произведува речиси еден милион автомобили годишно, што значи дека Словачка произведува повеќе автомобили по глава на жител од која било друга земја во светот.
„Автомобилите се моја страст уште од детството. Сега сум дел од тим и учествувам во производство на автомобили, тоа е работа од соништата“, вели 48-годишниот Марсел Пукон, работник на производствената линија и еден од 3.700-те вработени во фабриката на „Киа“ во Жилина.
Пред да се врати во родната Словачка, Марсел живеел и работел во Северна Ирска и Англија.
На делот од производствената линија каде што се инсталира изолацијата на вратите, „Би-Би-Си“ разговарале со 23-годишната Симона Крнова. Таа студирала бизнис студии пред да почне да работи во фабрика. Ова, вели таа, не е нејзината работа од соништата, но има свои предности.
„Половина од моето семејство работи тука, па сакав да пробам. Ми се допаѓаат луѓето“, вели Симона.

Нејзината плата е 1.300 евра месечно.
„Тоа е добро во споредба со другите компании“, додава таа, забележувајќи дека заработката ќе расте со текот на времето. „Киа“ наведува дека просечната плата во оваа фабрика е 2.400 евра месечно.
Ова е значително повисоко од просечната месечна плата во Словачка, која според официјалните податоци била 1.403 евра во 2023 година, но сепак е значително под просекот на Европската Унија, кој е 3.417 евра.
Симона вели дека е горда на фактот што Словачка произведува толку многу автомобили. „Ми се допаѓа што ова производство придонесува за развојот на нашето општество“, истакнува таа.
Сите вработени се Словаци
Речиси сите вработени во фабриката на „Киа“ се Словаци. Корејското присуство е сведено на неколку десетици високи менаџери кои живеат во специјално изградена, затворена заедница на периферијата на блиското село.
Додека Словачка беше дел од Чехословачката Социјалистичка Република, автомобилите произведени таму, според западните стандарди, беа со лош квалитет, бучни, неефикасни и бавни.
Сепак, по Кадифената револуција од 1989 година, со која беше ставен крај на комунистичкото владеење, „Фолксваген“ почна да инвестира во чешкиот производител на автомобили „Шкода“ во 1991 година, сè до 2000 година кога стана негов 100-процентен сопственик.
Потоа, други странски производители на автомобили почнаа да инвестираат во Чешка и Словачка, две земји создадени со распадот на Чехословачка во 1993 година.

Експертот за автомобилска индустрија, Петер Прокоп, наведува дека во тоа време трошоците за работна сила во Словачка биле само 20 проценти од оние во Германија.
Прокоп, директор на „Give Management Consulting“ со седиште во Минхен, вели дека Словачка сè уште има значителна предност во трошоците денес.
„Од една страна, платите се уште пониски, би рекол околу 60 проценти од нивото на Западна Европа. Од друга страна, продуктивноста е висока, што ја прави земјата многу конкурентна“, објаснува тој.













