Германските автомобили поевтинуваат по договорот ЕУ – Индија

Точка

28/01/2026

17:16

401

Големина на фонт

а а а

Германските автомобили се статусен симбол и за 1,45 милијарди Индијци. Затоа германските производители со нетрпение го дочекаа трговскиот договор со Индија и драстично пониските царини. Но ни тоа не ја прави Индија лесен пазар.

Индија е најнаселената држава во светот. Во изминатите години оствари импресивен економски раст од просечно шест до седум проценти годишно. Тоа се стапки на раст за кои другите држави можат само да сонуваат, пишува „Deutsche Welle“ (DW).

Во Индија постои сè побројна средна класа и младо население кое станува сè побогато.

„Поради тоа, новиот договор за слободна трговија со ЕУ за германската автомобилска индустрија сигурно претставува можност за отворање нов пристап до пазарот“, смета Константин Гал, советник во компанијата „EY Parthenon“.


„На Индија ѝ се потребни теренци“

Во првата фаза царините за одредени увозни автомобили, кои сега изнесуваат и до 110 проценти, треба да се намалат на 40, а подоцна и на 10 проценти. Тоа би требало да се однесува на квота од 250.000 возила годишно. За авто-деловите царините треба целосно да се укинат по пет до десет години.

Франк Швопе од Високата школа за менаџмент во Келн смета дека тоа е важна основа за германските производители на автомобили кога станува збор за отворање нови пазари и пронаоѓање нови купувачи.

„SUV возилата во Индија се потребни, како и поробусни автомобили, бидејќи патиштата во Индија се далеку од европските стандарди“, наведе Швопе.


Што со фабриките во самата Индија?

Индија одамна е важен пазар за светската автомобилска индустрија. Побарувачката е огромна, а таа земја сè повеќе би можела да стане гигантски пазар какви што денес се САД и Кина.

Експертот за автомобилската индустрија Кристоф Штирмер е нешто повнимателен. Според него, за германските производители тоа е „меч со две острици“: новиот трговски договор може да го поттикне директниот извоз во Индија.

„Од друга страна, компании како „Audi“ веќе отворија фабрики во Индија кои сè уште чекаат проширување. Тоа повторно делумно го поставува прашањето дали има смисла таму да се извезуваат возила од Европа“, изјави Штирмер.


И Индијците сè повеќе возат „на струја“

Електромобилноста во Индија денес има голема улога, пред сè затоа што загадувањето на воздухот во некои градови стана сериозен проблем.

„Индија започнува со секторите кои се најважни за сообраќајот, односно со малата и микро-мобилноста“, вели Штирмер.

Тоа ги вклучува скутерите, мотоциклите и бројните трицикли „tuk-tuk“ кои се користат низ целата земја. И автобусите возат на струја.

„Во некои градови веќе целосно преминаа на електрични автобуси. Ќе ги следат и други. Тоа е централна стратегија во Индија“, додаде тој.

Државата го поттикнува тоа, постојат даночни олеснувања и субвенции.


Многу домашни возила и „Јапонци“

Тешко е да се процени во која мера германските производители ќе можат да профитираат од овој бум во Индија. Во новиот договор за слободна трговија не се спомнуваат даночни олеснувања за увезените електрични возила.

Домашните и јапонските производители доминираат на пазарот. „Suzuki“ и „Honda“ имаат големи погони во Индија. Инвестираат милијарди во изградба на нови фабрики и развој на нови модели. Силно навлегуваат и јужнокорејските производители на автомобили како „Hyundai“ и „Kia“. Од друга страна, владата ги поттикнува и домашните производители:

„Владата сака тие производители први да ги задоволат потребите на младото и растечко пазар“, објаснува Гал.

Франк Швопе, сепак, е оптимист:

„Сметам дека има доволно простор и за германските производители.“

Договорот е барем можност повторно да се позиционираат на пазарот кој станува сè посериозен. Со тоа се согласува и Гал:

„Во наредните години тоа сигурно ќе биде пазар кој германските производители не смеат да го изгубат од вид.“