[ВИДЕО] Градот во којшто се вози најбавно на светот, па и полжав би ве претекнал: Возачите годишно губат 136 часа во метеж

Точка

28/01/2026

13:00

739

Големина на фонт

а а а

Просечната брзина на движење на возилата во оваа европска престолнина е само 16,5 километри на час.

Трета година по ред, Лондон е прогласен за најлош град во светот кога станува збор за сообраќајни метежи.

Просечната брзина на движење во британската престолнина е само 16,5 километри на час, а возачите се соочуваат со сериозни застои секој ден.


Според најновиот извештај на „TomTom“ (холандска технолошка компанија најпозната по навигациски системи, дигитални мапи и анализа на сообраќајот), патување од десет километри трае во просек 35 минути и седум секунди, што го прави Лондон повторно град со најбавен сообраќај во светот, пишува „Daily Mail“.

Условите за возачите стануваат сè потешки

Годишниот индекс на сообраќај на „TomTom“ ги анализира податоците на корисниците на сателитска навигација во 501 град во 62 земји на шест континенти.

За да се утврди рангирањето на најлошите градови во светот, оние со повеќе од осум милиони жители, се земаат предвид фактори како што се просечното ниво на сообраќајни метежи, просечната брзина на возење, растојанието што може да се помине за 15 минути, како и времето изгубено во часовите на сообраќајна гужва.

Со оглед на милионите возила што секојдневно се движат по улиците на Лондон, се чини дека ситуацијата се влошува секоја година.


Извештајот покажува дека просечното време на патување се зголемило за дополнителни 45 секунди во споредба со минатата година, што значи дека просечниот возач губи дури 136 часа годишно заглавен во сообраќај.

10 септември 2025 година се издвојува како ден со најголем сообраќаен метеж.

Средновековни улици и модерен сообраќај

Енди Мерчант, експерт за сообраќај од „TomTom“, истакнува дека позицијата на Лондон на врвот на оваа озлогласена листа јасно го покажува притисокот врз градските патишта.

„Многу од лондонските улици датираат од средниот век и биле проширени во џорџијанската ера. Тие едноставно не биле дизајнирани за количината и разновидноста на сообраќајот што го имаме денес“, изјавил Мерчант.

И покрај мрачната слика, Марчант гледа и потенцијално решение.

Тестовите на автономни возила треба да започнат во 20 лондонски општини, што според него, би можело да им даде можност на локалните власти и урбанистите да ги преиспитаат начините за управување со сообраќајните метежи и поефикасно движење на луѓето низ градот.


Десет светски градови со најлоши сообраќајни метежи:

Лондон (Обединето Кралство) – 16,5 км/ч.

Бангалор (Индија) – 16,6 км/ч.

Мексико Сити (Мексико) – 17,4 км/ч.

Хајдерабад (Индија) – 18,4 км/ч.

Богота (Колумбија) – 18,9 км/ч.

Њујорк (Соединети Американски Држави) – 19 км/ч.

Буенос Аирес (Аргентина) – 19 км/ч.

Ченаи (Индија) – 19,2 км/ч.

Париз (Франција) – 20 км/ч.

Ахмедабад (Индија) – 20,7 км/ч.