Две недели се премногу кратко време за да се носат заклучоци дека Реал Мадрид гради поинаков идентитет под водство на Алваро Арбелоа, но вчера на натпреварот против Вилјареал стана јасно дека „кралевите“ повторно се враќаат на оружјето со кое блескаа под водство на Карло Анчелоти, а тоа се контра-нападите.
Реал беше исклучително опасен на контри на „Ла Керамика“ и го користеше празниот простор со пониско поставен блок во одбрана, нешто на што целосно се противеше Чаби Алонсо кој инсистираше да изгради нов стил на игра и нов идентитет на тимот со вршење пресинг во противничката половина.
Ваквиот тренд не му донесе многу успех на веќе бившиот тренер на Реал Мадрид, а новиот Алваро Арбелоа по важната победа од 0:2 над Вилјареал посочи дека не може да оди против природата на дел од фудбалерите.
– Контранападите очигледно беа наше оружје. Да бидам искрен, не можам да одам против природата на овие играчи. Сосема спротивно, ќе се обидам да го искористам тоа на најдобар можен начин.
– Имаме многу брзи фудбалери кои знаат да доминираат кога имаат простор пред себе. Имаме играчи кои се многу брзи и кои знаат да решаваат брзо такви ситуации и мора да го користиме тоа кога е потребно. Тоа ќе биде едно од нашите оружја до крајот на сезоната, – изјави Арбелоа.








