Британскиот „Дејли Мејл“ објави најнови информации поврзани со здравствената состојба на Михаел Шумахер, седумкратниот светски шампион во Формула 1.
Според пишувањето на „Дејли Мејл“, Шумахер, кој претрпел тешка повреда на мозокот додека скијал во француските Алпи пред нешто повеќе од 12 години, се наоѓа на Мајорка, на луксузниот имот „Las Brisas“, вреден повеќе од 30 милиони евра.
Новинар на „Дејли Мејл“, кој ја посетил вилата на Шумахер, пренесе информации до кои можел да дојде, како што рече од неколку добро упатени извори.

Можеби и најважната информација е дека легендарниот Германец не е прикован за кревет.
За жал, 57-годишниот Шумахер не може да оди, туку тим од медицински сестри и терапевти го движи низ неговата вила во инвалидска количка, што е дел од пакетот за нега кој функционира 24 часа дневно и чини десетици илјади евра неделно.
Потсетуваме, по несреќата, сопругата на Шумахер, Корин забранила какви било информации за состојбата на Михаел да излегуваат во јавност, а само мал круг луѓе може да го посетуваат.

Со години кружеа различни приказни – од тоа дека Шумахер е во кома, па до тоа дека е прикован за кревет и дека не може да зборува – но Корин, како и никој од неговото семејство, никогаш не ја коментирале неговата состојба.







