Кога размислуваме за утринските навики што нѝ помагаат да се фокусираме, повеќето од нас најпрво помислуваме на кафе.
Но, еден невролог предупредува дека е важно да се обрне внимание и на тоа што друго внесуваме во нашето тело веднаш наутро и во текот на денот. „Разбирањето на моќното влијание на изборот на храна врз менталното здравје е клучно за одржување на здраво тело и бистар, отпорен ум“, изјавила д-р Дивија Каул за „Parade“.
Токму утринската навика да се прескокнуваат протеини или да се јаде малку или воопшто да не се јадат протеини наутро е она што експертите ги молат луѓето да престанат да го прават.

Д-р Каул објаснила дека она што го јадеме може да ја подобри менталната јасност, концентрацијата и будноста, но може да има и спротивен ефект: „Исхраната на која ѝ недостасуваат клучни хранливи материи може да придонесе за замор, лошо донесување одлуки и побавни реакции“. Ова е особено важно наутро, бидејќи мозокот завршува со ноќен пост и му треба гориво за да го стабилизира шеќерот во крвта и да го одржи фокусот во текот на денот.
Појадокот не мора да биде комплициран
Експертите истакнуваат дека кофеинот може да обезбеди краткорочен поттик, но не може да го замени она што навистина му е потребно на мозокот за да функционира. „Во споредба со појадок богат со јаглехидрати, појадокот богат со протеини или избалансиран појадок им помага на луѓето подобро да извршуваат задачи што бараат концентрација и ментален напор“, истакнала неврохирургот д-р Џули Пилицис.
Д-р Питер Накаџи, неврохирург во Институтот за невронаука „Боб Бове“, се согласил, објаснувајќи: „Протеините обезбедуваат аминокиселини, кои се градежни блокови на клучни невротрансмитери како допамин, норепинефрин и серотонин. Тие го регулираат фокусот, будноста, мотивацијата и расположението“.

„Јадењето доволно протеини обезбедува стабилно снабдување со клучни аминокиселини, што помага во одржувањето на интегритетот на невроните односно способноста на мозокот да создава и реорганизира синаптички врски, што е од суштинско значење за учење и меморија во текот на целиот живот“, додаде д-р Каул. Иако појадокот не мора да биде комплициран, експертите нагласуваат дека мора да биде добро осмислен за мозокот да има сè што му е потребно уште од самиот почеток на денот.








