Палмарола нема населба ниту патишта. Нема струја, нема мобилна мрежа и нема фериботско пристаниште.
Поголемиот дел од деновите, единствениот начин да се стигне до островот е со мал чамец од Понте, оддалечен пет милји преку Тиренското Море.

Палмарола се наоѓа западно од Рим, доволно блиску за да може да се посети во рамки на еднодневен излет, но и доволно далеку за сообраќајот, метежот и непрекинатото движење на италијанската престолнина да изгледаат како соседна планета. Додека римските фонтани и плоштади привлекуваат милиони посетители, Палмарола главно останува надвор од радарот. Многу туристи никогаш не чуле за ова место, а многу Римјани никогаш не ни отишле на овој остров, пишува Си-ен-ен.
Она што ги привлекува оние што се одлучуваат да го посетат не се инфраструктурата ниту удобноста, туку отсуството и на едното и на другото. Палмарола стрмно се издига од морето во вид на вулкански карпи, испресечени со морски пештери и тесни заливчиња. Има само една плажа, мрежа од пешачки патеки кои водат кон внатрешноста и малку траги од модерен развој.

Патувањето до островот од Рим подразбира воз до пристаништето Анцио, траект до Понте и потоа договор со рибар или приватен сопственик на чамец за превоз во двата правца. Бидејќи нема постојани жители, Палмарола е дестинација што повеќе ја обликуваат времето, геологијата и годишните времиња отколку туризмот.
Постои еден ресторан, „O’Francese“, кој служи свежа риба и издава ограничен број скромни соби врежани во стари рибарски пештери долж карпите. Гостите резервираат со месеци однапред и престојуваат на база на полн пансион, а цената за ноќевање почнува од 150 евра, односно 175 долари.

Марија Андреини, 44-годишна ИТ-работничка која работи од далечина од Тревизо во северна Италија, ја посетува Палмарола секое лето со сопругот Марио, банкарски менаџер и нивниот петнаесетгодишен син Патрицио.
„Има толку многу, а толку малку што може да се прави“, рекла таа.
„Деновите ги поминуваме нуркајќи со маска и сончајќи се на плажата пред ресторанот, од розови корални камчиња. Ноќе лежиме на плажата и ги гледаме ѕвездите, шетаме наоколу со факели. На разденување сопствениците нè будат за да нè однесат на пешачење до највисокиот врв на островот, за да го гледаме изгрејсонцето. Неверојатно е“, раскажала таа.

Пешачките патеки водат од плажата кон внатрешноста, искачувајќи се до урнатините на средновековен манастир и остатоците од праисториска населба.
„За вечера јадеме свежа риба директно од мрежата. Цела недела имаме чувство како да живееме некое исконско, пусто островско искуство, малку како семејството Флинтстон на одмор“, изјавила Андреини, која им советува на посетителите да понесат планинарски чевли, покрај опремата за плажа.

Таа рекла дека многу патувала, вклучително и на Малдивите, но дека Палмарола е ненадминлива. Пејзажите, како што додала, се „маѓепсувачки“ и „во мојот двор — во Италија. Тешко е да се поверува дека имаме толку фантастично место“.
Освен главната плажа, крајбрежјето на островот најдобро се истражува со гумен чамец. Карпите формираат морски столбови, тунели и пештери, а околните води ги привлекуваат љубителите на нуркање со маска, кајакари и нуркачи со боци. Единствените животни што посетителите веројатно можат да ги сретнат на копно се дивите кози, кои се засолнуваат меѓу ниските палми по кои островот го добил името.
Локалниот историчар Силвериј Капоне живее на Понца, најблискиот остров и почетна точка за Палмарола, која редовно ја посетува, а понекогаш дури и го остава таму својот син тинејџер за викенд-диво кампување со пријателите. Тој рекол дека островот отсекогаш останал ненаселен.

„Палмарола отсекогаш била пуст остров, и токму тоа ја прави посебна. Старите Римјани го користеле како стратешко набљудувачко место во Тиренското Море за својата царска флота, но никогаш не го колонизирале“, истакнал тој.
Сопственоста над островот датира од 18 век, кога на неаполските семејства испратени да ја колонизираат Понца им било дозволено да ја поделат Палмарола меѓу себе. Денес островот е во приватна сопственост, поделен на бројни парцели што ги поседуваат семејства кои и натаму живеат на Понца.
На карпите има мали пештери претворени во едноставни приватни куќички, некои варосани во бело и сино. Рибарите некогаш ги користеле како засолништа за време на бури, а многу сопственици и денес ги држат снабдени со намирници, во случај временските услови да го спречат враќањето на Понца.

На врвот на еден морски столб се наоѓа мала бела капела посветена на Свети Силвериј. Силвериј, папа од 6 век, бил прогонет на Палмарола и се верува дека таму починал.
Секој јуни рибарите пловат од Понца до Палмарола по повод празникот на Свети Силвериј, носејќи цвеќиња до капелата и со брод носејќи дрвена статуа на светецот во поворка. Учесниците се менуваат, искачувајќи се по стрмните камени скали до највисоката ниша, каде што се наоѓа главниот олтар, за да се молат и да медитираат.

„Тоа е свет ритуал. Му се молиме секој ден. Многу мажи од Понца, како и јас, го носат името на светецот, кој е наш заштитник. Веруваме дека неговиот дух и понатаму живее во водите на Палмарола“, објаснил Капоне.
Локалните легенди раскажуваат за морнари кои ги затекнале бури, па му се молеле на Свети Силвериј и биле спасени.
„Јавувањето на светецот, кој се издигнал од морето, ги спасило и ги водело морнарите безбедно назад до Палмарола, каде што со недели преживеале во пештерски засолништа“,додал Капоне.
















