Џејми Карагер и овојпат беше дел од познатото студио на „Си-Би-Ес“ во Лигата на шампиони, но заедно со својот колега Тјери Анри, доби шанса да анализира една ситуација од изминатиот викенд.
Играчите на Реал Мадрид беа жестоко исвиркани од навивачите на „Сантијаго Бернабеу“ за време на мечот со Леванте, но убедливо најлошо мина Винисиус Жуниор, кој беше забележан и како плаче на паузата меѓу двете полувремиња.
Бразилецот не се радуваше на голот кој го постигна против Монако токму како резултат на нарушениот однос со фановите на Реал, меѓутоа со таквата реакција го натера Џејми Карагер жестоко да распали по него, до тој степен што го нарече Бразилецот како главен причинител за отказот кој го доби Чаби Алонсо.
– Винисиус е најголемиот проблем, тој е главната причина поради која Чаби ја загуби работата. На натпреварот против Барселона во првиот дел од сезоната, тренерот се обиде да го затвори натпреварот кога веќе водеа и го извади од игра, а овој почна да се лути и почна да прави притисок со гестикулации. После тоа, почна да вели дека нема да потпише нов договор додека во тимот е Чаби Алонсо.
– После случувањата на „Ел Класико“, излезе со соопштение со кое им се извини на сите, освен на тренерот Алонсо. Чаби Алонсо ја загуби работата поради него, Флорентино се преплаши дека еден од најдобрите играчи нема да сака да потпише нов договор, – порачува Карагер.












