Научниците повторно ги преиспитуваат границите на тоа што сè е способна да направи стоката, откако беше откриено дека австриска крава по име Вероника со импресивна вештина користи различни алатки.
Откритието, за кое известија истражувачи во Виена, сугерира дека кравите можеби имаат далеку поголеми когнитивни способности отколку што досега се претпоставуваше.
Вероника, крава која живее во планинско село во австриската природа, со години го усовршувала умеењето на чешање со стапови, гребла и метли, наведува „BBC“.
Веста за нејзиното однесување на крајот стигнала до експертите за животинска интелигенција во Виена, кои откриле дека Вероника ги користи двата краја од истиот предмет за различни задачи.
Ако грбот или некое друго тврдо место ѝ барало добро чешање, го користела влакнестиот крај од метлата. Кога бил потребен понежен допир, на пример на чувствителниот стомак, го користела мазниот крај од дршката. Ваков начин на користење алатки ретко се среќава во животинскиот свет и никогаш досега не бил документиран кај говедата.
Д-р Антонио Осуна-Маскаро од Универзитетот за ветеринарна медицина во Виена изјави: „Не очекувавме дека кравите ќе можат да користат алатки, а уште помалку дека една крава ќе ги користи како повеќенаменски алат. Досега ова доследно е забележано само кај шимпанзата.“
Шимпанзата покажуваат најразновиден спектар на користење алатки. Тие користат стапови за собирање мравки и термити, а камења за кршење ореви.
Сепак, и покрај тоа што луѓето живеат со стоката веќе околу 10.000 години, ова е првпат научниците да документираат крава што користи алатка. Истражувачите велат дека нивното откритие покажува оти кравите се попаметни отколку што мислиме и дека и други крави би можеле да развијат слични вештини, доколку им се даде можност.
Што се однесува до сопственикот на Вероника, земјоделецот Витгар Вигеле, тој се надева дека нејзините неочекувани таленти ќе ги инспирираат луѓето повеќе да го ценат природниот свет.
Како што вели тој: „Зачувај ја природата, и ќе се заштитиш себеси. Разновидноста на природата е клучот за опстанокот на оваа планета.“









