„Синиот понеделник“ (Blue Monday) се смета за „најдепресивниот“ ден во годината, а „се одбележува“ на третиот понеделник во јануари. Тој се поврзува со постпразничната депресија.
Британскиот психолог Клиф Арнал во 2005 година го осмислил поимот „Синиот понеделник“, но важно е да се нагласи дека тој нема научна основа. Создаден е како дел од маркетиншка кампања за туристичка агенција која сакала да го „утврди“ најдепресивниот ден во годината. Потоа Арнал навел дека третиот понеделник во јануари одговара на тој опис.
Иако „Синиот понеделник“ не се темели на клинички податоци, депресијата и разочарувањето што многу луѓе ги поврзуваат со него може да делуваат сосема реално.

Докторката Кристин Крофорд, меѓу другото, за „Today“ изјавила дека крајот на празничниот период, враќањето на работа и студеното време лошо влијаат врз луѓето и дека тие почнуваат да мислат дека немаат на што да се радуваат до пролет. Тука е и финансискиот притисок.
„Луѓето трошат многу пари во декември, а потоа во јануари ги гледаат банкарските изводи. Не само што се чувствувате лошо затоа што треба да надоместите за пропуштеното на работа, туку за некои луѓе постои и поголем финансиски притисок – мора да го надоместат трошокот од празничното трошење“, објаснила таа.

Доколку на крајот од минатата година сте си ветиле дека во јануари ќе почнете да работите на некои работи за да си го подобрите животот, а сè уште не сте започнале, почнувате да се чувствувате депресивно.
За да си го подобрите расположението, Крофорд советува да правите паузи од работа колку што е тоа возможно, да контактирате со блиските и да бидете физички активни, дури иако се работи само за прошетка.
„Имајте малку милост кон себе. Поставете реални очекувања во врска со вашата дневна рутина и распоред и дозволете тие со текот на времето да се градат и прошируваат, но погрижете се тие да бидат реални“, истакнала таа.












