Сите веќе знаеме што е добро за цревата – овошје, зеленчук, влакна и ферментирана храна. Но, подеднакво важно е и прашањето што треба да се намали или да се избегнува доколку сакаме варење без надуеност, киселини и постојани осцилации.
Науката сè повеќе покажува колку цревата се поврзани со остатокот од телото – од имунитетот и воспаленијата, до расположението и метаболизмот. Затоа препораките постојано се надополнуваат: често се споменува целта од 30 различни растителни намирници неделно, повеќе влакна и медитеранска исхрана која се поврзува со таканаречените „сини зони“ на долговечноста, пишува „BBC Food“.
Нутриционистката Торал Шах објаснува дека цревниот микробиом е сложен систем од микроорганизми кои учествуваат во разградувањето на храната, апсорпцијата на хранливи материи и одбраната од штетни бактерии. Затоа здравјето на цревата може да влијае и врз IBS, црниот дроб, дебелината, па дури и менталното здравје. Иако храната не делува исто кај сите, експертите сепак издвојуваат неколку групи намирници кои најчесто создаваат проблеми за цревата, пренесува „Index“.
Ултрапреработена храна
Во ултрапреработена храна спаѓаат производи полни со индустриски додатоци – засилувачи на вкус, емулгатори, адитиви и слично. Тоа се, на пример, шунки и колбаси, многу житарици за појадок, бисквити, сладоледи и слични производи. Често се калорични, а нутритивно „празни“.
Сè уште не е целосно разјаснето зошто се проблематични, но истражувањата сè почесто ги поврзуваат со низа здравствени тегоби, при што како важен механизам се наведува влијанието врз цревниот микробиом и воспаленијата. Во пракса, тоа може да значи повеќе надуеност, промени во столицата, киселини и општо чувство дека „нешто не е во ред“.
Затоа, експертите често препорачуваат пристап без драма: правилото 80/20 – поголемиот дел од времето јадете квалитетно, а повремено можете да си дозволите и „џанк“, без чувство на вина.

Пржена храна
Пржената храна, особено онаа подготвена во длабоко масло, обично содржи повеќе заситени и трансмасти, кои можат да бидат потешки за варење и негативно да влијаат врз рамнотежата на бактериите во цревата. Тоа не значи дека мора засекогаш да се простите од помфритот или похованата храна, но ако цревата често ви испраќаат сигнали, вреди да се пробаат поблаги варијанти.
Подобри опции се рерна, фритеза на топол воздух или кратко пржење во вок со помалку маснотии. И тука важи истото правило: 80/20 е пореално и поодржливо од целосни забрани.
Храна полна со шеќер
Рафинираниот шеќер не е проблем само „поради калориите“. Кога го има премногу и премногу често, може да поттикнува воспалителни процеси во цревата, да ја нарушува слузницата и да ги „храни“ лошите бактерии на сметка на добрите. Слатките житарици, колачите и сладоледот се очигледни примери, но шеќерот често се крие и таму каде што не го очекуваме.
На пример: овошни сокови, ароматизирани јогурти, готови сосови, супи од кесичка, преливи за салата. Затоа декларациите имаат смисла – не поради опсесија, туку за да знаете што навистина внесувате.
Британскиот „NHS“ им препорачува на возрасните да не надминуваат 30 грама „слободни шеќери“ дневно – во тоа спаѓаат додадените шеќери, но и оние од мед, сирупи, како и од незасладени сокови, смутија и пире.

Вештачки засладувачи
Многумина ги користат вештачките засладувачи како „безгрешна“ замена за шеќерот, но приказната е посложена. Шах објаснува дека долго време се сметало оти тие се практично инертни, бидејќи дигестивните ензими не ги разградуваат, па само „поминуваат“ низ организмот. Сепак, некои истражувања (особено кај животни) сугерираат дека би можеле да влијаат врз цревните бактерии.
Кај луѓето, резултатите засега се неусогласени, па не може да се извлече јасен заклучок. Накратко: не се автоматски „зло“, но ако забележите дека по одредени производи ви се зголемува надуеноста или непријатноста, можно е токму тоа да не ви одговара.
Алкохол
Нутриционистката Рохини Бајекал вели дека алкохолот често е меѓу најлошите избори за цревата, бидејќи може да го наруши односот меѓу добрите и лошите бактерии, да поттикне воспаление и да ја иритира слузницата на желудникот (гастритис). Многу луѓе пријавуваат надуеност, запек, киселини и општо чувство на „тежина“.
Умереноста е клучна – повремена чаша не е исто што и редовно претерување. Интересно е што како можен исклучок често се споменува црвеното вино: едно истражување го поврза умерениот внес на црвено вино со поголема разновидност на цревната флора, што обично се смета за добар знак. Но и тука важи истото правило: „умерено“ е клучниот збор.














