Една од фасцинантните работи што ги прават брилијантните умови од МИТ (Massachusetts Institute of Technology) е тоа што, покрај размислувањето за природата на универзумот и создавањето научнофантастични уреди, тие ја проверуваат и воздушната исправност на леталата за федералната влада на САД.
Кога Сабрина Пастерски еден ден влегла во канцеларијата на кампусот барајќи одобрение за својот едномоторен авион, за неа тоа можеби било рутина. Но, за извршната секретарка на МИТ, Пеги Уден, тоа било вистинско изненадување.
„Кај неа фасцинантно не беше само тоа што беше толку млада – имаше само 14 години – туку и тоа што беше девојче кое леташе само. Да појаснам, таа не беше само патник, туку самата управуваше со авионот“, раскажа Пеги.
Сабрина на само 14 години конструирала прототип на авион, а часови по летање почнала да зема уште на 10-годишна возраст. Четири години подоцна веќе летала целосно самостојно.
Денес, Пастерски има дипломирано на МИТ и докторирано на Харвард, а целиот научен свет на физиката зборува за неа. Таа ги истражува најкомплексните проблеми на физиката – истите оние што ги мачеле Стивен Хокинг и Алберт Ајнштајн.
Според многу нејзини колеги, достигнувањата на Сабрина од година во година водат кон тоа таа да стане Ајнштајн на нашата генерација, и тоа на многу помлада возраст.
Нејзините истражувања опфаќаат црни дупки, природата на гравитацијата, а како и екипата од серијата „The Big Bang Theory“, таа е преокупирана со теоријата на струни и со феномените на гравитацијата во контекст на квантната механика.
Сабрина го привлекла вниманието и на некои од најголемите умови во НАСА, а основачот на Амазон, Џеф Безос, ѝ ветил работа кога и да биде подготвена и заинтересирана. Неодамна го прашале дали таа понуда сè уште важи, а тој воодушевено одговорил: „Ох Боже мој, секако дека важи!“.

Сабрина е првата во своето семејство родена во Америка. Нејзините родители се Кубанци кои се доселиле во Чикаго во потрага по подобар живот. Уште од детството не ја привлекувале социјалните мрежи, па профили нема ни денес. Единствениот „порок“ што го признава е веб-страницата „PhysicsGirl“, каде ги објавува своите достигнувања, истражувања и насловните страници на списанијата кои со години пишуваат за неа.
















