Невладина организација за работнички права во Кина тврди дека пронашла докази за искористување работници во синџирот на снабдување на играчките „Лабубу“, крзнени чудовишта кои минатата година го освоија светот и се очекува нивната популарност да продолжи да расте во 2026 година.
Забестите гремлини, кои ги произведува кинеската компанија за играчки „Поп Март“ (Pop Mart), станаа еден од најбараните кинески извозни производи. Само во првата половина од 2025 година, линијата играчки „Чудовишта“, која ги вклучува и „Лабубу“, остварила продажба од 4,8 милијарди јуани (околу 588 милиони евра) за компанијата која котира на хонгконшката берза. Во август, главниот извршен директор на „Поп Март“, Ванг Нинг, изјавил дека компанијата е на пат во 2025 година да достигне приход од 20 милијарди јуани.
Според истрагата на „China Labor Watch“ (CLW), еден од добавувачите на Поп Март за играчките „Лабубу“ учествувал во експлоататорски практики на работното место. Тоа вклучува работници кои биле присилени да потпишуваат празни договори, вработување 16-и 17-годишници без посебната заштита за млади работници што ја бара кинескиот закон, неадекватна обука за здравје и безбедност, како и други прекршувања на работничките права во фабрика во југоисточната кинеска провинција Џиангси.

„CLW“ испратил истражители во фабриката „Shunjia Toys“ во округот Синфенг во Џиангси, која вработува повеќе од 4.500 луѓе, во текот на три месеци во 2025 година. Истражувачите интервјуирале повеќе од 50 вработени, вклучувајќи и тројца помлади од 18 години. Сите работници работеле исклучиво на играчките „Лабубу“. Истражувачите откриле дека фабриката вработувала работници на возраст од 16 до 18 години, што е легално според кинескиот закон, но само со посебни заштити, како што се забрани за опасна или напорна работа. Работниците на возраст од 16 до 18 години во „Shunjia“ биле распоредени на стандардни позиции на монтажната линија, без разлика во работното оптоварување или производните цели во однос на возрасните работници.
„Малолетните работници, исто така, најчесто не ги разбирале договорите што ги потпишале и немале јасна претстава за својот правен статус кога биле прашани“, се наведува во извештајот на „CLW“. Истрагата открила и дека работниците рутински потпишувале празни договори за работа. „CLW“ соопштил дека на работниците им било кажано да ги внесат своите лични податоци во договорите за работа, додека деталите за условите за работа, како што се времетраењето на договорот, содржината на работата, платата и податоците за социјалното осигурување, биле оставени „празни и необјаснети“, пренесе „The Guardian“.

„На работниците им биле дадени најмногу пет минути за да ја завршат постапката и изречно им било кажано да не читаат ниту да пополнуваат други делови“, соопштил „CLW“. Одразувајќи ја растечката побарувачка за играчките, работниците рекле дека им биле поставувани нереални производни цели, при што тим од 25 – 30 работници морал да состави најмалку 4.000 „Лабубу“ дневно. Кинескиот закон за труд го ограничува месечниот прекувремен труд на 36 часа, но „CLW“ утврдил дека работниците често работеле повеќе од 100 дополнителни часа месечно. „Shunjia Toys“ има официјален производствен капацитет од 12 милиони играчки годишно, со планови за проширување на 33 милиони, најавени кон крајот на 2025 година. Тоа претставува мал удел од вкупното производство на „Лабубу“, за кое Поп Март минатата година соопшти дека изнесувало околу 30 милиони единици месечно.
Компанијата соработува со низа локални производствени партнери во Кина и Југоисточна Азија, а со растот на побарувачката неодамна додала и партнери од Мексико. Сепак, интервјуата со „CLW“ сугерираат дека „Shunjia“ веќе произведува далеку повеќе од 12 милиони единици годишно, а се проценува дека само два тима произведуваат повеќе од 24 милиони единици годишно. „Овој јаз меѓу планираниот капацитет и реалното производство не е невообичаен во кинескиот производствен сектор“, изјавил Ли Кјанг, извршен директор на „CLW“. „Кога побарувачката на пазарот брзо расте, производството често се проширува далеку над планираните нивоа, а притисокот што произлегува од тоа директно го трпат работниците“, додал тој.

Портпаролот на Поп Март изјавил: „Во Поп Март многу сериозно ја сфаќаме благосостојбата и безбедноста на работниците во нашите фабрики. Спроведуваме редовни, стандардизирани ревизии на нашите партнери во синџирот на снабдување. Ги цениме информациите што нѝ беа доставени и моментално го истражуваме случајот. Во иднина Поп Март ќе продолжи да ги зајакнува механизмите за ревизија и надзор на синџирот на снабдување. Доколку наодите се потврдат, решително ќе побараме од релевантните партнери да спроведат сеопфатни корективни мерки, во согласност со локалните закони и прописи“. Компанијата „Shunjia Toys“ не била достапна за коментар. Условите опишани во фабриката за играчки „Shunjia“ не се невообичаени во кинескиот производствен сектор, каде што работниците работат долго за ниска плата, со слаба примена на заштитата на трудот која официјално е утврдена со кинескиот закон.
Растечката побарувачка за играчките „Лабубу“ создала и голем црн пазар на фалсификати, познати како „Лафуфу“, кои често ги изработуваат работници во домашни фабрики без каков било надзор над условите за работа. Наодите ги одразуваат предизвиците со кои се соочуваат кинеските компании што агресивно пробиваат на меѓународните пазари, но од нив сè повеќе се очекува да се придржуваат до повисоки стандарди за своите работници.
„Во моментов се чини дека постојните механизми за надзор на синџирот на снабдување не се доволни за навремено и ефикасно препознавање и спречување на овие проблеми со работната сила. Ако Поп Март навистина има сериозна намера да ги намали ризиците поврзани со трудот во синџирот на снабдување на „Лабубу“, треба да воспостави достапни механизми за жалби и комуникација за работниците (како независна и ефикасна телефонска линија за работници), да ја подобри транспарентноста во врска со реалните услови за работа во фабриката и да ја открие структурата на својот синџир на снабдување, вклучително и надворешното производство, за да се овозможи суштински надзор“, истакнал Ли Кјанг.
















