[ВИДЕО/ФОТО] По виралното видео со елените, НП Галичица покажа како се грижи за овие животни: „Од 30 на 200 единки за 6 години, за нив се грижи ренџерот Лазе со неговите помошници“

Точка

13/01/2026

15:42

1.460

Големина на фонт

а а а

Пред неколку дена беше објавено видео кое масовно се споделуваше на социјалните мрежи, на кое се може да се забележи стадо елени опкружени со снежна идила. Оваа прекрасна сцена потсетува како на сцена од цртан филм и беше вистинска празнична честитка.

Сега, поради големиот интерес кој го предизвика оваа снимка во јавноста се огласија и од Националниот парк Галичица, кои одлучија да одговорат на неколку прашања кои како што велат, ги добиле по споделувањето на видеото.



Тие објавија неколку фотографии од репродуктивниот центар и од секојдневната грижа што ја вложуваат.

„Нашиот посветен ренџер Лазе, заедно со неговите помошници Јане и Кире, секојдневно се на терен – обезбедуваат храна и вода, вршат редовни контроли и се грижат за безбедноста и благосостојбата на елените“.

Резултатите зборуваат сами за себе: во 2019 година бројката изнесуваше околу 30 единки, а денес популацијата е зголемена на над 200 елени, велат од НП Галичица.



„Покрај постојаното присуство на ренџерската служба, центарот е опремен и со видео-надзор камери, кои овозможуваат дополнителна, непосредна заштита и навремена реакција.

Репродуктивниот центар беше отворен во 2019 година со јасна цел – активно управување со високопланинските пасишта, заштита и обновување на популацијата на елени и долгорочно зачувување на биолошката разновидност во паркот. Овој пристап придонесува за здрави екосистеми, рамнотежа во природата и одржлива иднина за Галичица“.