Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишникот кој со автомобил ја прегази и усмрти 79-годишната Љуба Јаковлеска во скопската населба Капиштец.
Тој избегал од местото на несреќата, а наскоро и од државата, со помош на татко му и неколкумина помагачи.
МВР сега го објави неговиот идентитет – станува збор за Саит Саитов роден на 6-ти април 2007 година во Скопје, од татко Берти и мајка Ганимете. „Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, пишува во полициската потерница.

Несреќата се случи во петокот на улицата „Народен фронт“. Прегазената жена, Љуба Јаковлеска, почина истиот ден на Клиничкиот центар.
МВР соопшти дека освен Саитов, осомничени се и неговиот татко и уште двајца луѓе, со чијашто помош момчето успеа да избега од државата преку граничниот премин „Табановце“.
„Веднаш по добиената пријава, полициски службеници презедоа мерки и активности за пронаоѓање на возачот и возилото. Преку камерите на „Безбеден град“ и дополнителни проверки на камерите на околните објекти, како и изјави на сведоци, утврдено е дека се работи за патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Б.С. (45) од Скопје, а управувано од неговиот син С.С. (18).

Возилото е пронајдено пред домот на сопственикот, а таму е затекнат С.С. (69), кој е приведен во полициска станица и со него е извршен службен разговор. Утврдено е дека возачот С.С. (18) и неговиот татко Б.С. (45), со помош на Ш.П. (45) и А.Ј.(53) од Скопје, ја напуштиле државата во текот на вчерашниот ден. Ш.П. и А.Ј. се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за сторено кривично дело „помагање на сторител во извршено кривично дело“ по чл.365 ст.2 а во врска со чл.300 и 301 од КЗ“, соопшти тогаш МВР.
Против возачот С.С. (18) е поднесена кривична пријава за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и за „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода”.











