Приказната за некогашната сопруга на кралот на Тајланд звучи како сценарио за филмски трилер, но станува збор за сурова реалност. Животот на жената која некогаш била дел од кралскиот двор денес се одвива во целосна изолација и беда, далеку од луксузот што некогаш ја опкружувал.
Живот покрај најексцентричниот монарх на денешницата
Станува збор за Маха Ваџиралонгкорн, познат како кралот Рама X, владетелот на Тајланд кого светските медиуми со години го опишуваат како еден од најнеобичните и најконтроверзните монарси на современото време. Неговите јавни појавувања во кратки маици, тесни панталони и несекојдневни модни комбинации често ги полнеа насловните страници на таблоидите. Но, додека вниманието беше насочено кон неговото однесување, судбината на неговата поранешна сопруга се одвиваше далеку од очите на јавноста.
Тивка дворска дама која стана сопруга на крал
Срирасми Сувади беше целосна спротивност на својот сопруг – повлечена, ненаметлива и речиси невидлива во јавноста. Кон крајот на 90-те години, на само 22-годишна возраст, започнала служба во дворoт на тогашниот престолонаследник како дворска дама. Парот се венчал на 10 февруари 2001 година. Рама X тогаш истакнувал дека посакува помирен и семеен живот, нагласувајќи дека има 50 години и дека е време за стабилност.
Раѓање на наследникот и привид на семејна идила
Четири години подоцна го добиле синот, принцот Дипангкорн Расмијоти, единствениот законски наследник на престолот. Неговите постари браќа, родени во претходниот брак на кралот, останале без титули, без право на презиме и со доживотна забрана за враќање во Тајланд. Иако однадвор изгледало дека кралското семејство е стабилно, реалноста била многу поинаква.

Скандал што ја шокираше јавноста
Во 2009 година Срирасми се најде во центарот на скандал кога во јавноста протекоа фотографии од приватна прослава на која се појавила гола, облечена само во минијатурна танга. Поводот за славењето бил роденденот на кралската пудлица Фу-Фу. Кучето не било обичен миленик – официјално имало чин маршал на тајландската авијација. По неговата смрт, во земјата била прогласена повеќедневна жалост, што дополнително го засили впечатокот за бизарноста на дворскиот живот.

Губење на титулата и целосна изолација
Пет години подоцна следел конечниот пад. Срирасми јавно се откажала од кралската титула по голем корупциски скандал во кој биле вмешани членови на нејзиното семејство. Нејзините родители, браќа, сестра и роднини биле осудени на затворски казни поради мито, шверц и врски со нелегално коцкање.

Но, најтешките последици ги сносела токму таа. Рама X ѝ ја одзел титулата, ја испратил во доживотна изолација и ѝ дозволил само неколку минути да се прости од синот. Фотографијата од таа разделба, на која мајката и детето седат на земја прегрнати додека стражари стојат покрај нив, останала единствениот сведок на тој момент.
Животите на наследникот и мајката – разделени со континенти
Принцот Дипангкорн денес најчесто живее надвор од Тајланд, се школува во Минхен и ретко ги гледа двајцата родители. Неговата мајка, некогашна принцеза, се повлекла во провинцијата Рачабури, каде што живее во услови далеку под секое достоинство.
Нејзината сегашна куќа повеќе личи на урнатина отколку на дом. Без струја, со покрив што прокиснува и без основни санитарни услови, Срирасми живее во речиси целосна беда. Според наводите на германскиот весник „Bild“, бањата и тоалетот биле намерно уништени. Наместо нив, во дворот има импровизирана дрвена шупа со јама, а на вратата стои табла со подбивен натпис: „Се надевам дека тука ти е удобно како во палатата“.

Наводно, по наредба на кралот, биле исечени и дрвјата околу куќата за да се отстрани сенката, а дворот бил препуштен на кучиња скитници.
Тишината како единствена заштита
Оваа приказна тешко дека ќе добие среќен епилог. Строгите закони за навреда на круната и стравот од монархијата ја спречуваат јавноста во Тајланд да реагира. Додека остатокот од светот со неверување го следи падот на жената која некогаш живеела во раскошен дворец, таа денес опстојува во тишина, далеку од светлината на рефлекторите и од моќта што некогаш ја опкружувала.















