Руското Министерство за надворешни работи остро ги критикуваше САД за „заканите за нови воени напади“ врз Иран, а заканата на американскиот претседател Трамп за воведување трговски царини ја нарече „уцена“.
Портпаролката на министерството, Марија Захарова, изјави дека заканите на САД за напади врз Иран се „категорично неприфатливи“. Таа ги предупреди САД да не ги користат немирите во Иран како „изговор“ за повторување на нападите врз земјата, откако американските воздухопловни сили нападнаа три нуклеарни објекти во јуни минатата година.
Според неа, таквата акција би имала „катастрофални последици“ на Блискиот Исток, „како и за глобалната меѓународна безбедност“.
„Исто така, цврсто ги отфрламе бесрамните обиди за уценување на странските партнери на Иран со зголемување на трговските царини“, рече таа, осврнувајќи се на најавата на Трамп за царина од 25 проценти на американскиот увоз за трговските партнери на Иран.
Коментирајќи ги антивладините демонстрации во Иран, таа рече дека „вештачки предизвиканите протести“ се смируваат, што дава надеж за „постепена стабилизација на ситуацијата“.








