Колку повеќе купуваме производи со непотребно пакување, толку повеќе амбалажен отпад оставаме зад себе. Амбалажните пакувања се едни од највидливите и најраспространети извори на отпаден материјал во нашата животна средина.
Едно пакување може да содржи картон, пластика и алуминиумска фолија и сите тие различни материјали, доколку не ги селектираме, на крајот ќе завршат на депонија, а неретко и на некоја од 2.000-тите диви депонии во нашата земја.
Речиси секој производ што го купуваме доаѓа во пакување – од храна и пијалоци, до козметички и хигиенски производи, електроника, па сè до детски играчки... На прв поглед, пакувањето можеби ви изгледа како лесно и практично, но кога ќе се соберат сите овие пластични кеси, кутии, шишиња и еднократни амбалажи, резултатот е голема количина амбалажен отпад кој завршува на депонии, во природата, во водите, но и расфрлана по улиците низ нашите градови. Овие материјали не се разградуваат брзо. Пластиката, на пример, може да остане во животната средина со децении, загадувајќи ја почвата и водите, што води кон опасност и за животните и растенијата.
Како да се намали амбалажниот отпад?
Големите промени започнуваат од малите навики, а целта е материјалите и производите да се користат подолго, а отпадот да се намалува. Кога ќе посегнете по производ со помалку амбалажа, вие не правите само паметна куповна одлука, туку и чекор кон почиста животна средина. Одвојувањето на хартија, пластика и стакло во сините, жолтите и зелените корпи на Пакомак нека биде еден од првите чекори кон намалување на вашиот отпад. Ужинката на вашето дете, на пример, може да биде спакувана во практична, трајна кутија, а сокчето во шише за повеќекратна употреба, наместо во еднократно пластично пакување. Така, не само што се намалува обемот на отпад, туку и децата учат важна лекција за грижата кон природата уште од најрана возраст. А пластичните шишиња и лименки, селектирајте ги, ставете ги во платнена торба и заедно со вашето дете отидете до најблиската Повратна вендинг машина (ПВМ) на Пакомак. Со мобилната апликација ЕкоМак за секое одложено пластично шише или лименка имате можност да добиете „зелени поени“, кои потоа преку апликацијата можат да се искористат за добивање ваучери во маркети, плаќање на сметки во кафичи, купување влезници за настани, донација во хуманитарните организации предвидени во апликацијата и за многубројни други активности. Зошто селектирањето да не биде и забавно?

Пакомак веќе 15 години активно вложува напори за почиста и позелена иднина преку селекција и преработка на отпад, и е единствена непрофитна компанија која што собира над 32% од целиот амбалажен отпад кој што годишно се создава на пазарот во нашата земја. Во последната година, компанијата организираше собирање на над 37,4 милиони килограми амбалажен отпад. Според последните податоци за собран отпад од пакување, пластични шишиња и лименки преку системот на повратни вендинг машини на Пакомак, забележано е значително зголемување на навиките за селектирање кај граѓаните во Охрид, Виница и Кочани. Во Берово е забележан раст од над 50%, каде граѓаните одвоиле повеќе од 598.104 парчиња амбалажен отпад. Струга исто така бележи силен напредок со над 795.632 селектирани парчиња амбалажен отпад во последната година. Битола веќе неколку години е лидер, а Тетово општина каде процентуално малку се селектира отпад.

Ова се охрабрувачки податоци и поттик за компанијата дека свеста и навиките за селектирање кај македонските граѓани се движи во напредна линија. Пакомак, преку своите активности и партнерства, останува посветен на својата мисија – да инспирира одговорност кај компаниите и граѓаните, да придонесе за ефикасно управување со отпадот и да помогне во создавањето на здрава и одржлива иднина за сите.















