Астрономите открија мистериозен, сјаен бран во форма на лак околу блиска бела џуџеста ѕвезда, остатоците од мртва ѕвезда оддалечена 731 светлосна година.
Овој феномен, кој потсетува на виножито, ги збунува научниците затоа што не постои познат механизам што би можел да ја објасни повеќебојната маглина околу белото џуџе RXJ0528+2838, пишува „Science Alert“.
„Ние пронајдовме нешто што никогаш претходно не било видено и, што е уште поважно, сосема неочекувано“, изјавил астрономот Симоне Скаринџи од Универзитетот Дарем во Обединетото Кралство. „Изненадувањето дека наводно мирен систем без диск може да предизвика толку спектакуларна маглина беше еден од оние ретки „вау“ моменти.
Што се белите џуџиња?
Белите џуџиња се остатоци од ѕвезди како Сонцето кои го достигнале крајот на својот животен век. Кога остануваат без атоми за фузија, нивните јадра, кои веќе не се поддржани од надворешниот притисок на фузијата, се колабираат во исклучително густ објект, при што се исфрла надворешниот материјал на ѕвездата.
Иако се со големина на планетата Земја, масата на овие мртви ѕвезди може да достигне и до 1,4 маси на Сонцето. Тие често се наоѓаат во системи каде гравитациски привлекуваат материја од придружната ѕвезда, што може да доведе до појави како повторувачки термонуклеарни експлозии.
Загатка на ударниот бран
Бидејќи белото џуџе повеќе не спроведува фузија на атомите, не може да произведува ѕвездени ветрови како активна ѕвезда. Сепак, интеракцијата со придружната ѕвезда може да создаде диск од материјал кој орбитира околу белото џуџе. Судирот помеѓу „струјата“ на материјал од тој диск и околниот меѓуѕвезден медиум создава енергетски структури познати како ударни бранови, кои добиваат форма на лак.

Проблемот е што RXJ0528+2838 има придружна ѕвезда со мала маса, но околу него не е забележан диск. Што е повеќе, формата, големината и густината на ударниот бран – составен од бранови должини кои укажуваат на присуство на водород, кислород и азот – сугерираат дека истекувањето на материјалот траело околу 1000 години, што значително се разликува од експлозивните изливи карактеристични за термонуклеарен настан.
Потрага по објаснување
Научниците претпоставуваат дека силното магнетно поле на белото џуџе можеби го заобиколува механизмот на формирање на диск. Наместо тоа, материјалот од придружната ѕвезда можел да биде пренасочен по линиите на магнетното поле директно кон белото џуџе, што би овозможило истекување на материјалот без постоење на диск.
„Нашите набљудувања откриваат силно истекување кое, според нашето сегашно разбирање, не би требало да постои“, вели астрономот Кристијан Илкиевич од Астрономскиот центар „Никола Коперник“ во Полска.
„Нашето откритие покажува дека дури и без диск, овие системи можат да предизвикаат силни истекувања, откривајќи механизам што сè уште не го разбираме. Ова откритие го доведува во прашање стандардниот приказ за тоа како материјата се движи и меѓусебно делува во овие екстремни бинарни системи.“
Откритието е детално опишано во списанието „Nature Astronomy“.










