Конечно сфатија: „Volkswagen“ ќе ги врати физичките копчиња во „ID. Polo“

Точка

04/01/2026

10:03

2.216

Големина на фонт

а а а

Овој потег означува значаен пресврт во дизајнерската филозофија на „Volkswagen“ и е директен одговор на бројните критики од купувачите кои во последните години се жалеа на комплицираните и неинтуитивни контроли на допир.

Се чини дека сме сведоци на почеток на ренесансата на физичките копчиња во автомобилите, а за тоа е заслужен претстојниот електричен „ID. Polo“ на „Volkswagen“. Германскиот автомобилски гигант ја претстави внатрешноста на својот компактен електричен модел која, на воодушевување на многу возачи, повторно ги враќа вистинските копчиња, прекинувачи, па дури и ротирачко тркало за контрола на јачината на звукот.

Овој чекор претставува значителен пресврт во дизајнерската филозофија на „Volkswagen“ и е директен одговор на бројните критики од купувачите кои во последните години се жалеа на сложените и неинтуитивни контроли чувствителни на допир. Откако јавно ја признаа сопствената грешка, од Волфсбург сега порачуваат дека практичноста повторно е во прв план.


Грешка што повеќе нема да се повтори

Многу сопственици на поновите модели на „Volkswagen“, како што е „ID. 3“, изразуваа фрустрација поради лизгачките контроли и хаптичките површини, особено на управувачот, кои често бараа тргање на погледот од патот за извршување основни функции. Раководството на компанијата конечно призна дека отстранувањето на физичките копчиња било погрешен чекор. Андреас Миндт, шефот на дизајнот во „Volkswagen“, беше невообичаено искрен во изјава за британските медиуми.

"Никогаш, ама баш никогаш повеќе нема да ја направиме таа грешка. На воланот ќе имаме физички копчиња. Нема повеќе погодување. Добивате повратна информација, реално е и луѓето го сакаат тоа. Искрено, ова е автомобил. Не е телефон, ова е автомобил", изјави Миндт.

Одлуката делумно е поттикната и од новите безбедносни правила на „Euro NCAP“, кои од 2026 година ќе бараат физички контроли за клучни функции како трепкачи, бришачи и сирена, за возилото да може да ја добие највисоката безбедносна оценка.


Спој на класика и иднина во новиот „Polo“

Внатрешноста на „ID. Polo“, која во голема мера се темели на концептот „ID. 2all“, носи освежувачки спој на дигитална технологија и традиционална функционалност. Со кокпитот доминираат два големи екрана поставени во иста видна линија: 10,25-инчен дигитален инструмент-панел пред возачот и централен, речиси 13-инчен инфозабавен екран на допир.

Но, клучната новина се наоѓа под него. „Volkswagen“ интегрирал ред физички копчиња за најважните функции како климатизацијата и светлата за опасност. Меѓу предните седишта е сместено и ротирачко тркало со кое може да се прилагодува јачината на звукот или да се менуваат радио-станиците. Управувачот исто така е редизајниран и сега има јасно групирани, опипливи копчиња наместо збунувачки хаптички површини.

„Создадовме ентериер кој уште при првиот контакт делува како пријател. Јасните физички копчиња нудат стабилност и доверба, топлите материјали го прават привлечен, а шармантните детали како новите ретро-прикази на инструментите го покажуваат типичното намигнување на ’Volkswagen‘“, изјави Миндт во соопштение за медиумите.


Носталгичен детаљ како „таен сос“

Еден од најшармантните детали, кој во „Volkswagen“ го нарекуваат свој „таен сос“, е можноста за ретро-приказ. Со притискање на копче на воланот или преку инфозабавниот систем, дигиталниот кокпит може да се префрли во визуелен режим инспириран од класичниот „Golf I“ од осумдесеттите години, создавајќи емотивна врска со богатата историја на брендот.

Покрај враќањето на копчињата, „ID. Polo“ носи и нова генерација софтвер со напредни функции, како третата генерација на системот „Travel Assist“, кој ќе препознава црвени светла на семафорите и знаци за запирање. Иако ги задржува димензиите слични на својот претходник со мотор со внатрешно согорување, благодарение на електричната платформа нуди значително повеќе простор во кабината, споредлив со „Golf“, како и дарежлив багажник од 435 литри.

„Volkswagen“ планира да го лансира „ID. Polo“ на европскиот пазар во текот на 2026 година, со целна почетна цена пониска од 25.000 евра, позиционирајќи го како достапен и, што е најважно, интуитивен електричен автомобил за секојдневен живот.