Првпат во историјата патнички авион самостојно слета со помош на системот „Garmin“

Точка

24/12/2025

15:51

346

Големина на фонт

а а а

Системот „Emergency Autoland“ се активира исклучиво во вонредни ситуации кога пилотот е онеспособен. Нешто слично се случи изминатата сабота, кога беше изведено првото автономно слетување во реални услови.

Мал патнички авион изминатиот викенд изведе историски потфат, слетувајќи целосно самостојно на аеродромот „Rocky Mountain Metropolitan“ во американската сојузна држава Колорадо. До овој несекојдневен настан дојде во саботата, на 20 декември, откако за време на летот се активираше системот „Emergency Autoland“ на „Garmin“, дизајниран да ја преземе контролата врз леталото во кризни ситуации. Со тоа беше забележан првиот случај во историјата на воздухопловството овој систем да биде користен од почеток до крај во вистинска итна состојба, а не за време на тестирања или демонстрации.


„Emergency Autoland“

Авионот бил од типот „Beechcraft B200 Super King Air", со регистарска ознака "N479BR", во сопственост на компанијата „Buffalo River Aviation“. Полетал од Аспен кон Денвер, но околу 20 минути по полетувањето дошло до ненадејна и неконтролирана загуба на притисок во кабината, што ги активирало безбедносните протоколи. Декомпресијата настанала на височина од околу 7.000 метри, создавајќи потенцијално опасни услови по живот. Во авионот имало двајца пилоти, без патници. Иако тие веднаш ставиле кислородни маски, безбедносните алгоритми на технологијата на „Garmin“ ги препознале критичните параметри и системот за автоматско слетување самостојно се активирал.

По активирањето, системот „Autoland“ на „Garmin“ веднаш ја презел целосната контрола над леталото, комуницирајќи со контролата на летање преку автоматизирани гласовни пораки. Системот самостојно го избрал најблискиот соодветен аеродром, земајќи ги предвид временските услови, теренот, преостанатото гориво и должината на пистата. Контролорите на летање, откако ја примиле автоматизираната порака која вклучувала и стандардна најава за „онеспособеност на пилотот“, веднаш го расчистиле воздушниот простор и привремено ја затвориле пистата за да овозможат безбеден автономен приод на авионот.


Беспрекорно изведено слетување

Иако автоматизираната порака сугерирала дека пилотите се онеспособени, од „Buffalo River Aviation“ подоцна појасниле дека пилотите не ја изгубиле свеста, туку свесно одлучиле да не го прекинат работењето на системот. Поради сложеноста на ситуацијата со декомпресијата, екипажот проценил дека е најбезбедно да ѝ се дозволи на технологијата да ја заврши процедурата, додека тие биле подготвени да ги преземат рачните контроли доколку се појави каков било проблем. Авионот на крајот совршено слетал, закочил на пистата и самостојно ги исклучил моторите, а итните служби потврдиле дека никој не е повреден.

Овој настан претставува значајна пресвртница за безбедноста во општото воздухопловство, демонстрирајќи во практика колку ефикасна може да биде технологијата која инаку е во употреба од 2019 година. Од „Garmin“ потврдија дека ова е прва употреба на „Autoland“ во реална итна ситуација, нагласувајќи – исто како и сопственикот на авионот – дека системот функционирал токму онака како што бил замислен. Во моментов, повеќе од 1.700 авиони ширум светот се опремени со овој систем.