Трошењето за вештачка интелигенција го носи долгот на технолошките компании на рекордно високо ниво

Точка

23/12/2025

08:38

326

Големина на фонт

а а а

Технолошките компании ширум светот годинава го зголемија издавањето долг на рекордни нивоа, бидејќи засилената трка за изградба на капацитети за вештачка интелигенција ги принудува дури и фирмите богати со готовина сериозно да се задолжуваат за да ги финансираат тие инвестиции, објави денес „Reuters“.

Според податоците на агенцијата за анализа на финансиските пазари „Dealogic“, глобалните технолошки компании издале обврзници во вредност од 365 милијарди евра до првата недела од декември 2025 година.

Од таа сума, на американските технолошки компании отпаѓаат 290 милијарди долари, на европските 41,8 милијарди евра, а на азиските компании 28 милијарди евра.


Иако традиционално се потпираа на сопствените парични текови, големите технолошки компании сè повеќе се вртат кон задолжување, бидејќи трошоците за заем се ниски, а побарувачката од инвеститорите е силна.

Според аналитичарите, капиталните вложувања во вештачка интелигенција финансирани преку долг укажуваат на структурна промена, бидејќи брзото технолошко застарување и краткиот животен век на чиповите ги принудуваат компаниите постојано да реинвестираат.


Сепак, големата емисија на долг почнува да го зголемува нивото на задолженост и да ги ослабува коефициентите на покриеност кај одредени компании, отворајќи прашања за тоа како би изгледале нивните билансни состојби доколку инвестициите во вештачка интелигенција не ги донесат очекуваните приноси.

Истовремено, најголемите технолошки компании во принцип се профитабилни и располагаат со значителни парични резерви, а многу од нив се вбројуваат меѓу највредните компании во светот според пазарната капитализација.