Чамецот на египетскиот фараон Куфу јавно се составува во Големиот египетски музеј (GEM) пред посетителите.
Персоналот на музејот во вторникот започнал со составување на еден од двата пронајдени чамци на кралот Куфу, долг 42 метри, со 1.650 дрвени делови, пренесе АП.

Проектот, кој се одвива покрај веќе составениот чамец, се очекува да трае околу четири години, изјави шефот на реставрацијата, Иса Зејдан.
Фараонот Куфу, кој владеел пред повеќе од 4.500 години е познат по изградбата на Големата пирамида во Гиза.

„Денес сте сведоци на еден од најважните проекти за реставрација во 21. век“, изјавил египетскиот министер за туризам и антиквитети, Шериф Фати.
Големиот египетски музеј, отворен минатиот месец и оценет како најголем во светот е дом на речиси 50.000 артефакти, вклучувајќи го и богатството од гробницата на Тутанкамон.

Музејот се наоѓа во близина на пирамидите и се очекува да ги зголеми приходите на Египет од туризмот.


Бродот бил откриен во 1954 година, покрај јужната страна на Големата пирамида, а работите на ископувањето на неговите дрвени делови започнале во 2014 година.

Експертите сметаат дека чамците служеле за транспорт на телото на фараонот за време на погребот или за неговото задгробно патување со богот на сонцето Ра.










