Ова видео му зададе главоболка на Макрон: „Ме побара колега од Африка и ме праша што ни се случува“

Точка

20/12/2025

10:16

860

Големина на фонт

а а а

Видеото за кратко време собра повеќе од 12 милиони прегледи, а беше отстрането дури по повеќе од една недела, по политичка и јавна реакција.

Францускиот претседател Емануел Макрон непријатно се изненадил кога дознал дека на социјалните мрежи се шири вест за наводен државен удар во Франција – и тоа дури откако му се јавил загрижен африкански колега. Како што раскажал за регионалниот весник „La Provence“, колегата му испратил порака со прашање што се случува, заедно со линк до видео објавено на „Facebook“.

Во спорното видео се гледа хеликоптер, војници, собрана маса луѓе, како и наводна водителка на вести која тврди дека во Франција е извршен државен удар, дека бил предводен од непознат полковник и дека Макрон е соборен од власт. Но, како што набрзо се покажа, видеото е целосно лажно и изработено со помош на вештачка интелигенција.

Откако утврдил за што станува збор, Макрон побарал помош од „Pharos“, францускиот официјален портал за пријавување незаконска интернет-содржина, со цел видеото да биде отстрането од „Facebook“. Сепак, „Meta“ го одбила барањето со образложение дека содржината не ги прекршува нивните правила. Потоа претседателот лично се обидел да изврши притисок, но без успех.

Макрон јавно ги критикуваше ваквите платформи, порачувајќи дека тие „ѝ се потсмеваат на демократијата“ и дека ширењето на вакви дезинформации го загрозува јавниот простор и политичката стабилност.

Како што наведува „Euronews“, зад видеото стои тинејџер од Буркина Фасо кој води „Facebook“ профил со назив „Islam“, иако на него не објавува верска содржина. Младиот автор заработува преку продажба на онлајн-курсеви за тоа како да се монетизира содржина создадена со помош на вештачка интелигенција.

Видеото за кратко време собра повеќе од 12 милиони прегледи, а беше отстрането дури по повеќе од една недела, по политичка и јавна реакција. Тимот за проверка на факти на „Euronews“ се обидел да стапи во контакт со авторот на видеото, но без успех.

Во некои слични снимки се појавуваат и лажни АИ-водители со микрофон на кој стои логото на „Radio France Internationale“, додека одредени видеа имаат ознака „Sora“, алатка за генерирање реалистични видеоснимки од текст, развиена од компанијата „OpenAI“.