Сопругата на поранешниот француски претседател Никола Саркози, Карла Бруни, насвојот инстаграм-профил објави дека ја завршила терапијата против рак на дојка, откако ја добила дијагнозата крајот на 2019 година, пренесува „Лапрес“.
Во објавата таа прецизира дека ја завршила петгодишната хормонска терапија.
„Хирургија, радиотерапија, хормонска терапија – тоа е патот кој мораме да го поминеме за да го излечиме овој вид рак“, изјавила Карла Бруни.
Во својата порака, таа се заблагодари на медицинскиот тим за „компетентноста“ и „хуманоста“ покажани за време на овие „испитувања“, и ги охрабри „жените кои ќе ја прочитаат оваа објава“ редовно да се прегледуваат „секоја година ако е можно“.
„И покрај доста агресивните несакани ефекти, благодарна сум на науката што ја измисли хормонската терапија: таа е ефикасна во заштита од рецидиви, кои се чести во годините по дијагнозата“, напишала Бруни.
Поддршка за сопругот
Поранешната прва дама на Франција истакнала дека ќе биде покрај својот сопруг Никола Саркози, кој е осуден на пет години затвор и од октомври ја издржува казната.
Карла важи за посветена сопруга, бидејќи најавила дека ќе го посетува секој ден, според биографката Бесма Лахори, која ја опишува како „исклучително посветена сопруга“ подготвена да направи сè за поранешниот претседател што поскоро да биде на слобода.
„Подготвена е, ако е потребно, да помести и небо и земја“, додава Лахори.
Никола Саркози беше прогласен за виновен за криминален заговор за примање незаконски средства од Моамер Гадафи и осуден на пет години затвор.
Љубов на прв поглед
Карла Бруни и Никола Саркози се во брак од 2008 година, а се запознале една година порано, недолго откако Саркози се разведе од политичарката Сесилија Атијас, со која го има синот Луј. Се случила љубов на прв поглед, а заеднички пријатели им „наместиле“ излегување.
Имаат ќерка Џулија, а поранешната прва дама од врската со радиоводителот Рафаел Ентовен го има синот Аурелиен. Таа била манекенка и пејачка, па прва дама на Франција, а ја поврзувале и со Доналд Трамп, иако таа тоа го негирала.
Поради скандалозниот живот, проблемите со пороци, но и промените во изгледот, таа била предмет на интерес на јавноста и се сметала за недостојна за титулата „прва дама“, а љубовната приказна меѓу неа и Саркози е една од најследените на светската сцена.













