Ѕвездата на познатата серија извршил самоубиство

Точка

22/12/2025

08:30

773

Големина на фонт

а а а

Американскиот актер Џејмс Ренсоун, најпознат по улогата на Зиги Сободка во култната телевизиска серија „Жица“ (The Wire), почина на 46-годишна возраст. Според извештајот на судскиот вештак од округот Лос Анџелес, актерот починал во петокот, а како причина за смртта е наведено самоубиство.

Ренсоун остави длабока трага во телевизиската историја со ликот на Честер „Зиги“ Сободка, трагичен пристанишен работник во втората сезона на „Жица“. Неговиот лик, обременет со постојани понижувања, внатрешни фрустрации и чувство на безизлезност, постепено тоне во криминал, а приказната кулминира со чин на насилство и целосен личен слом. Улогата се смета за една од највпечатливите и најемотивните во серијата, која и денес се смета за едно од најзначајните телевизиски остварувања на сите времиња.


По успехот со „Жица“, Ренсоун продолжи со сериозни и тематски тешки проекти. Во 2008 година се појави во воената минисерија „Генерација убијци“ (Generation Kill), каде го толкуваше ликот на маринецот Џош Реј Персон, заснован на реална личност. Серијата ја следи Првата извидничка чета на американските маринци за време на војната во Ирак и беше пофалена поради суровиот реализам и документаристичкиот пристап.

Пошироката публика, особено љубителите на хорор-жанрот, го памети и по улогата на возрасниот Еди Каспбрак во филмот „Тоа: Второ поглавје“ (It: Chapter Two) од 2019 година, каде уште еднаш ја потврди својата способност за длабоко и емотивно толкување на ранливи ликови.

Во последните години, Ренсоун оствари улоги во повеќе филмски проекти, меѓу кои „Црниот телефон 2“ (The Black Phone 2), „Видео ужаси: Осумдесет и пет“ (V/H/S/85), „Поправка на мал мотор“ (Small Engine Repair) и „Она што го најдовме“ (What We Found). Настапуваше и во сериите „Покер фејс“ (Poker Face), „Тимот на фоките“ (SEAL Team), „Педесет држави на стравот“ (50 States of Fright) и „Првиот“ (The First).


Џејмс Ренсоун е роден во 1979 година во Балтимор. Уметничкото образование го стекнал во Центарот за уметности и технологија „Карвер“ во сојузната држава Мериленд. Првиот позначаен филмски ангажман го имаше во драмата „Кен Парк“ (Ken Park) во 2002 година, а само една година подоцна ја доби улогата што трајно го вгради во телевизиската историја.

Ренсон зад себе ги остави сопругата Џејми Мекфи и две деца. По неговата смрт, Мекфи преку социјалните мрежи покрена собирање средства за Националниот сојуз за ментални болести (НАМИ), со цел подигнување на свеста за менталното здравје.