„Светот на Биби“ започнува ново, значајно поглавје. По години посветеност и создавање детска едукативна содржина која веќе го освојува регионалниот пазар.
Новиот анимиран серијал насловен „The Toothstars“ е развиен од InnovaRights & Licensing - партнерска компанија основана од DexyCo и „Светот на Биби“, специјализирана за создавање, лиценцирање и интернационализација на детски брендови. Соработката претставува силен исчекор кон глобален пазар и поставува нови стандарди во регионалната продукција на детска анимација.

На големото платно во киното Cineplexx, денеска ексклузивно беше промовирана пилот-епизодата од новиот анимиран серијал, кој е планирано да се развие во 13 епизоди со траење од по 11 минути. Целосната продукција се реализира во Македонија од студиото за анимација Toon Motion Studios - истиот креативен тим кој стои зад содржините од „Светот на Биби“.
Серијало „Тhe Toothstars“ е осмислен така што лесно комуницира со меѓународната публика и истовремено содржи вредности и теми значајни за развојот на децата.

Ова 11-минутно анимирано остварување раскажува мала, но внимателно замислена приказна што природно ги спојува забавата, учењето и детската љубопитност, носејќи свежина и креативност на малите екрани, воведувајќи нов свет, нова магија и нова генерација јунаци.
Атмосферата во кино-салата беше навистина волшебна – смеа, воздишки и воодушевувања го исполнија просторот, а присутните уживаа во секој кадар, во секоја авантура на хероите и во секој детал од внимателно создадената анимација.

Премиерата претставуваше одлична можност да се погледне пилотот, да се запознаат креаторите и партнерите зад проектот, и да се сподели процесот - од идеја, преку развој, па сè до финалната анимација. Настанот е замислен како средба на сите што веруваат дека квалитетната детска содржина е повеќе од забава - таа е инвестиција во знаење, креативност и иднина.
Овој проект претставува важен чекор за домашната и регионалната анимација, докажувајќи дека со визија, тимска работа и силни партнерства можат да се создадат проекти кои достојно стојат покрај светските анимирани продукции.
Со оваа премиера, „Светот на Биби“ ја поставува основата за нови приказни, нови пазари и нови успеси — чекор поблиску до глобалната сцена.

















