Во срцето на зелените британски полиња стои необична куќа што крие уште понеобична приказна. Сè изградиле со сопствени раце, а во неа сега живее семејство што решило да ги прекине врските со современиот систем и да живее целосно самоодржливо – без сметки, без кредити и без притисокот на општеството.
Нивниот нов дом чинел околу 14.000 евра, додека земјиштето било платено околу 77.000 – што е, како што нагласуваат, „дел од цената на повеќето денешни куќи“. Се греат со коцки од коњски измет, одгледуваат храна и тврдат дека никогаш повеќе не би сакале поинаков живот.
Благодарение на овој несекојдневен потфат, го привлекоа вниманието на повеќе од половина милион следбеници, а нивната приказна и понатаму брзо се шири по интернетот.
„Купив поле наместо куќа“
На 17 хектари земја во Велика Британија живее семејство што онлајн заедницата веќе добро го познава. Таткото, уморен од постојаните трошоци и порастот на сметките, донел радикална одлука – да му сврти грб на традиционалниот начин на живот и да проба нешто сосема поинакво. Денес, благодарение на својата вештина и упорност, не плаќа ни храна, ни вода, ни струја.
„Купив поле наместо куќа. Имам свое парче земја и зависам само од себе“, им порачал тој на своите следбеници на „Инстаграм“.
Благодарение на тоа, како што вели, не мора да работи класична работа од 9 до 5, нема кредити, нема сметки и нема трошоци за домување. Заработува исклучиво од својот имот.
„Заработувам така што одгледувам и продавам свињи. Изнајмувам парцели и делови од земјата на луѓе кои сакаат да одгледуваат животни или живина, што на градските парцели не би било дозволено“, објаснил тој.
Греење – коцки од коњски измет
Додека повеќето луѓе во зима едноставно го вклучуваат греењето, овој Британец се потпира на несекојдневен извор на топлина – рачно направени „коцки од измет“.
„Користам дрва од измет наместо обични дрва, бидејќи тоа е најобновливиот извор на енергија за греење на куќата“, објаснил тој.
Процесот, како што наведува, е едноставен: коњскиот измет се става во индустриска преса, која ја вади течноста од него, а резултатот се компактни коцки што се сушат и потоа се користат како гориво.
За да го намали непријатниот мирис и да го продолжи времето на горење, во смесата додава и талог од кафе. Посочува дека овој метод е многу побезбеден од користење моторни пили и секири, па вели дека следното лето таа „работа“ би можел да им ја довери и на децата.
Соларни панели, бунар, диво овошје и животни
Покрај куќата, на својата земја изградил и кружна куќа од вреќи исполнети со песок, како и складишта, амбар и простор за стока. Најголемиот трошок биле соларните панели.
„Генераторот се вклучува само во зима или кога времето е многу лошо, па затоа не трошам многу гориво. Поголемиот дел од горивото е ‘red diesel’, па данокот е многу низок“, вели тој.
Вода добива од бунар длабок три метри, кој самиот го ископал. Водата се собира во големо складиште и е достапна во текот на целата година.
„Имам бесплатна струја благодарение на соларниот систем со два големи осцилатори и две големи батерии, па можат да работат исклучиво на енергија од сонцето“, истакнува овој Британец.
На имотот одгледуваат кокошки и патки за јајца, свињи за месо и неколку видови риби. Земјата е полна со диво овошје, па семејството, како што велат, „не мора да купува витамини“. Освен тоа, садат пченка и други култури.
„Побегнав од најлошите делови на општеството“
Главниот мотив за создавање ваков живот била желбата за бегство од стресот, притисокот и очекувањата на модерното општество.
„Не купувам речиси ништо, освен градежен материјал. Не морам да работам за секој месец да давам огромни суми некому. Сè на сè, побегнав од најлошите делови на општеството, а сè уште имам пристап до најдобрите“, навел тој.
И додека многу негови следбеници воодушевено пишуваат: „Легенда“, „Го живееш сонот – и јас би сакал да го постигнам истото“, други укажуваат на реален проблем: „Искрено, кој има 77.000 евра туку-така? Јас имам 1.000 евра – и сè уште сум заглавен во секојдневната борба“.









