Во последните неколку години, Кина тивко, но исклучително решително, влезе во нова технолошка трка во која војниците од метал стануваат подеднакво важни како и оние од крв и месо.
Најновите снимки од Шенжен, на кои се гледа цел баталјон хуманоидни роботи како во совршен ритам маршираат кон камионите за испорака, повеќе наликуваат на сцена од научнофантастичен филм отколку на реалност од 2025 година. Сепак, токму таа индустриска дисциплина и масовност ги покажуваат размерите со кои Кина развива и цивилни и воени роботски системи, подготвувајќи се за ера во која битките, операциите и секојдневните работи ќе им бидат доверени на машините.
„UBTECH Robotics“, компанија од Шенжен, кинеската технолошка престолнина, ги претстави своите најнови хуманоиди „Walker S2“.
Хуманоидните роботи со бели оклопни тела стоеја наредени во редови, совршено порамнети, додека синхронизирано ги подигнуваа рацете и демонстрираа автономни движења. Клучна карактеристика на овој модел е системот за самостојна замена на батеријата – роботот сам ја напушта линијата, се приклучува на станица за размена батерии и за три минути добива нов извор на енергија, подготвен за непрекината работа. Нивната максимална брзина од околу 7,24 километри на час ги прави доволно брзи за индустриски задачи, а „UBTECH“ планира испорака на 500 примероци до крајот на 2025 година.
Според извештајот за индустријата на хуманоидни роботи објавен на Светската конференција за вештачка интелигенција 2024 во Шангај, обемот на пазарот на хуманоидни роботи во Кина изнесувал приближно 384,62 милиони долари во 2024 година, додека до 2029 година се очекува да се прошири на 10,5 милијарди долари, пренесува „CGTN“.
Фаза на масовно производство
Истиот ден кога „UBTECH“ ја прикажа својата „роботска парада“, друг кинески гигант, „AgiBOT“, објави дека е произведен нивниот 5.000-ти хуманоид. Моделот „Lingxi X2“ симболично излезе од производната лента, како дел од флотата во која се и сериите „Yuanzheng“ и „Genie“ – вкупно 5.000 машини распоредени во научни лаборатории, забавни центри, трговски центри, фабрики и магацини низ целата земја.
Коосновачот на компанијата, Пенг Џихуи, истакна дека токму оваа бројка претставува пресвртна точка:
„Индустријата на хуманоиди веќе не е експеримент, туку сектор кој влегува во фаза на масовна комерцијализација“, изјави тој.
Нивниот партнер „LingyiTech“ веќе подготвува целосно автоматизирана производствена линија, чиј капацитет ќе биде половина милион роботи годишно – стандард незамислив за остатокот од светот.
Воени „роботи волци“
Иако цивилниот сектор привлекува најмногу медиумско внимание, паралелно со тоа Кина развива и роботски системи за воена употреба – и тоа со темпо кое ги загрижува западните аналитичари. Особено внимание предизвикаа таканаречените „роботи волци“, четириножни машини развиени од корпорацијата „China South Industries Group“.
На прв поглед потсетуваат на робот-пси какви што во минатото промовираше „Boston Dynamics“, но нивната намена е целосно поинаква. Тоа се борбени системи способни за извидување, носење товар, транспорт на муниција и оружје, како и за изведување прецизни напади. Тие можат да носат огнено оружје и експлозивни направи, да се движат по тежок терен и да работат во услови во кои човечка единица би била изложена на смртоносен ризик.
Она што особено ги издвојува е нивната интеграција во комплексни воени вежби. За време на симулација на амфибиски напад во октомври годинава, „NOAK“ ги распореди овие роботи заедно со регуларните единици, користејќи ги како извидници што влегуваат во непријателските зони и привлекуваат оган, отворајќи безбедни коридори за луѓето.
Таквиот пристап го означува почетокот на ерата на „борба со екипаж и без екипаж“, во која роботите стануваат составен дел од тактичките операции. Кина на овој начин тестира како може да ги намали ризиците за војниците, да ги забрза операциите и да создаде единици кои не подлежат на замор, страв или конфузија, а истовремено функционираат во полуавтономен режим, пишува „Interesting Engineering“.
Паметно војување
Пошироката слика покажува длабока стратешка трансформација. Кина, но и Русија, сè повеќе инвестираат во таканареченото „паметно војување“, каде што вештачката интелигенција ги презема клучните процеси во планирањето и изведувањето на воената сила. Ваквиот развој отвора прашања што ја надминуваат техниката и навлегуваат во етиката на војување во кое машините носат одлуки побрзо од луѓето, пишува „Newsweek“.
Може ли еден алгоритам да ја процени пропорционалноста на нападот или опасноста по цивилите? Дали оружје што дејствува автономно ќе доведе до нова глобална трка во вооружување – можеби дури и поопасна од нуклеарната, бидејќи е подостапна и поприлагодлива? Тоа се прашања на кои одговорите сè уште се обликуваат.
Кина засега го навикнува светот на своите роботи преку индустриски примени, медиумски атрактивни хуманоиди и футуристички демонстрации.
Под површината, меѓутоа, паралелно расте и воената роботска доктрина, која го користи сè што може да понуди модерното инженерство – од четириножни платформи за убивање до хуманоидни единици кои еден ден би можеле да извршуваат задачи во најопасните зони.
Додека овие кинески машини постепено се воведуваат во секојдневната работа, војската и инфраструктурата, светот влегува во епоха во која границите меѓу технолошкиот напредок, националната безбедност и етичките дилеми се бришат побрзо од кога било, заклучува „Newsweek“.















