Инспектори од Град Скопје денеска биле на локацијата каде што се одржува Зимзоленд и утврдиле низа неправилности. Како што соопшти градоначалникот, Орце Ѓорѓиевски, утврдено е дека Градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност.
„По пријави од граѓани, постапивме и на Зимзоленд. Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект“, вели Ѓорѓиевски.
Дополнително, додава тој, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи.
„Градот Скопје и јас како градоначалник ќе продолжиме бескомпромисно да се бориме против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор“, вели Ѓорѓиевски.
Инспекторите денеска, освен на Зимзоленд, биле и на „Пластичарска“ .
„Се воспоставува ред на „Пластичарска“, се постапува и на Зимзоленд. Денес градот Скопје, заедно со Инспекторатот и во координација со ДПИ и МВР, спроведе широка акција со единствена цел, да се врати редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот. Изречени се повеќе од 20 казни“, објави Ѓорѓиевски и додаде дека вработените од ЈП „Градски паркинг“ ги отстранувале неправилно паркираните возила долж улицата „Пластичарска“.







