[ВИДЕО] Објавена снимка што ја заледува крвта: Падобранец висел од авион на 4600 метри, за чудо се спасил во последен момент

Точка

11/12/2025

18:11

367

Големина на фонт

а а а

Снимка која ја заледува крвта во вените, а која ја објавија австралиските власти, го прикажува моментот кога падобранец останал да виси на илјадници метри во воздухот откако неговиот падобран се закачил за опашката на авионот.

Падобранецот го преживеал инцидентот што се случил јужно од Кернс за време на акробации во септември, но снимката е објавена дури сега, по завршената истрага спроведена од надзорниот орган за безбедност во транспортот.

Планот 16 падобранци да формираат формација на височина од 15.000 стапки (околу 4600 метри), додека ги снима камерман, се претворил во ужас за само неколку секунди откако првиот учесник стигнал до излезот од авионот.

Видеото што го објави Австралиското биро за безбедност во транспортот прикажува како се активирал резервниот падобран на учесникот откако рачката се закачила за крилото на авионот.

Падобранецот потоа бил исфрлен наназад, при што со нозете удрил во авионот, додека портокаловиот резервен падобран се обвиткал околу опашката на леталото.

Падобранецот во меѓувреме удрил и во камерманот кој седел на работ од авионот и се подготвувал за скок, туркајќи го во слободен пад, се наведува во извештајот на Бирото, кое не ги објави имињата, возраста ниту полот на учесниците.

На снимката се гледа како падобранецот накратко ги става рацете на шлемот, како да е во шок. Додека висел над застрашувачката празнина, тој со специјален нож ги пресекол јажињата на резервниот падобран и се ослободил, стои во извештајот.


Потоа го активирал главниот падобран и безбедно слетал на земја.

„Носењето безбедносен нож, иако тоа не е регулаторно барање, може да спаси живот во случај на прерана активација на резервниот падобран“, изјавил главниот комесар на Бирото, Ангус Мичел.

Опашката на авионот била „значително оштетена“ во инцидентот, а пилотот имал ограничена контрола над леталото. Тој испратил повик за помош, но сепак успеал безбедно да го приземји авионот.